Број 2934  четврток, 12 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Претходен број


Site Meter
Политика

Локалната власт во Штип ќе се освојува со комунални проекти

Граѓаните пројавуваат интерес за програмите на кандидатите од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ЛПМ

Иван Бојаџиски


ШТИП - Тројца кандидати за градоначалник, 14 советнички листи, од кои три од ромската заедница, со вкупно 322 имиња е политичката понуда за мартовските локални избори во Штип. Гласовите на штипјани за локалната власт ќе се освојуваат главно со комунални проекти.

СДСМ беше првата политичка партија што ја објави кандидатурата на општинскиот лидер Здравко Коцев за градоначалник. Втора партија која порано од крајниот рок го промовира својот партиски претседател Пане Кукушев беше ЛПМ. На крајот и ВМРО-ДПМНЕ се изјасни со кандидатурата на Зоранчо Алексов, прв човек на општинската организација во градот, со кого ќе ја бара поддршката од штипјани.

Кандидатот на СДСМ, Здравко Коцев, се потпира на добрите работи што ги направи за градот како директор на ЈП „Исар“ и директор на ОУ „Ванчо Прке“. Зоранчо Алексов, пак, на фактот дека тој е кандидат на владејачката партија во државата и дека со самото тоа во Штип ќе дошле многу инвестиции со кои ќе се овозможела промена на ликот на градот. Од штабот на Пане Кукушев излегуваат со став дека кога двајца се караат -третиот печали. Дали ќе биде така - ќе се види на 22 март.

Во почетокот кампањата тргна со изнесување низа валканици од изборните штабови на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за противкандидатот. Но, како што минуваше времето така и кампањата стануваше се' покултивирана. Само Пане Кукушев беше оставен настрана од таквата „промоција“.

Политичкиот аналитичар Ленче Илиевска вели дека тоа е резултат на фактот што двете големи политички партии не го гледаат Кукушев за сериозен ривал, поради што кампањата ја водат билатерално.

„Ако во почетокот имавме кампања во која длабоко се навлегуваше во биографиите на Коцев, од една страна, и на Алексов, од друга страна, сега веќе имаме умерена кампања. Изборните штабови и кандидатите се свртуваат кон својата политичка понуда за Штип. Но, има навестувања дека острата реторика и изнесувањето непријатни делови од биографиите на фаворитите за градоначалник, како што се ближи 22 март, повторно ќе профункционираат. Впрочем, во политичка смисла, Штип за сите избори секогаш бил таков“, појаснува Илиевска.

За разлика од порано, граѓаните сега пројавуваат значително поголем интерес за изборните програми на тројцата кандидати.

„Секојдневно во нашите простории доаѓаат граѓани и ја бараат нашата програма. Ја дистрибуиравме и преку локалниот весник ’Штипски глас‘, со што профилот на нашиот кандидат Здравко Коцев и политичката понуда за иднината на општината им станаа блиски на многу наши сограѓани“, потенцира Борис Цеков, портпарол во Изборниот штаб на Коцев.

И во ВМРО-ДПМНЕ, која го промовираше Зоранчо Алексов и на советничката листа, се задоволни од интересот на граѓаните за нивната изборна програма, зад која стоел претседателот и премиер Никола Груевски. И двете партии изработија стотици плакати и закупија билборди со кои го украсија градот. Зоранчо Алексов настапува со пораката „За Штип“, Здравко Коцев со слоганот „Цени според делата“. Пане Кукушев својата програма ја стави на веб-страница, а ќе ја дистрибуира и преку локалниот весник.

Сите програми на кандидатите главно се потпираат на десетина приоритети на кои во Штип се работело или за кои се зборува како насушна развојна програма. Кај Коцев доминираат проектите за комунално нова визура на центарот на Штип и населбите, решавање на сообраќајниот метеж во центарот, исфрлање на азбестните цевки од водоводот, претворање на улицата „Ванчо Прке“ во пешачка зона, а на управната зграда на „Македонка“ во дом за стари лица. Потоа реконструкција на фасадите во центарот на градот, бенефиции за стопанствениците кои ќе обезбедат вработување, водоводи за сите села.

Во програмата на Алексов стои поддршката во изградбата на студентски град, формирање централно основно училиште во населбата Баби, уредување на парковите во центарот на градот, трипати повеќе средства за уредување на сите спортски објекти во градот, развој на здравствената заштита во руралните средини.

Пане Кукушев на прво место ја стави изградбата на брана на Отиња, потоа економскиот и еколошкиот развој, проект за водоснабдување, група проекти од областа на општественото живеење и социјалната заштита..

 


Статијата е прочитана 364 пати.

Испрати коментар

Од: miki
Датум: 12.03.2009 08:03:58
Zoran Aleksov e vistinskiot covek za nasiot grad.Napred Zoran sigurno pobeduvas
Од: ina
Датум: 12.03.2009 10:26:24
Poddrska za Aleksov,sigurna sum deka e cesen covek !!
Од: miki
Датум: 12.03.2009 10:43:06
da zivee zdravko samo so nego gradot moze da bide rajska gradina
Од: васко
Датум: 12.03.2009 12:08:32
Нема град во Македонија каде нема да победи ВМРО-ДПМНЕ и неговата коалиција така ќе биде и во Штип.

Најди! во Утрински
Политика
Искористете ја шансата за поправен
Демолиран изборен штаб на ДПА
Иванов најави голема криза
Селмани на Бит-пазар и во чаршијата меѓу тезгаџиите и дуќанџиите
Нема место за насилство на изборите
Фуере ги седна на маса Бонева и Заев
Државни реклами во кампања се забранети
Aлбанско знаме и пред Општина Охрид
Бошкоски ветува вистински инвестиции
ДИК упатува