Интервју
Искористете ја шансата за поправен
Чешкиот премиер и актуелен претседавач со ЕУ, Мирек Тополанек
Ако Грција реши да го искористи правото на вето, ништо не може да ја спречи и ниту една од земјите нема да се плетка со тоа прашање, вели Мирек Тополанек
Тамара Грнчароска
Господине Тополанек, за време на Вашата посета рековте дека Македонија исполнила се' за добивање визна либерализација, но доколку се појави проблем, тој би бил политички. Дали очекувате политички проблеми во поглед на укинувањето на визите за Македонија?
Пред се', треба да се сфати дека тоа мора да биде следено од многу комплексен процес на одобрување и, секако, ќе треба да видиме кој ќе биде исходот од изборите и се надеваме дека нема да има екстремности. Она што сакам да го кажам е дека сега е шансата да се направи испитот уште еднаш, на вистински начин, по изборите во 2008 година. Друг проблем може да биде, во некој вид феноменот - чекањето да пристигне последниот, што не можам, секако, да предвидам какви ќе бидат условите за тоа, но Македонија можеби ќе биде соочена со услови кои ќе треба да се исполнат со цел да им се дозволи на другите или на последниот да се зачленат. И третиот политички проблем, секако, не би сакал да навлегувам во детали, е поврзан со Грција и со спорот што го има вашата земја со неа. Поради тоа, сметам дека по изборите во Европскиот парламент, екстремно витално и важно е да продолжат преговорите со цел да се најде решение за овој спор, бидејќи она на што реферирам ќе се случува во текот на втората половина од годината.
Пред еден месец изјавивте дека Македонија не е подготвена за добивање датум за преговори оваа година, притоа го наведовте и спорот со името како една од причините. Тука, во Скопје, рековте дека спорот е билатерален. Станува ли ЕУ средство со кое земјите-членки ќе си ги решаваат билатералните спорови со земјите-кандидатки?
Пред се', барате да одговорам на прашање кое е многу чувствително. Постојат одредени правила во ЕУ кои им дозволуваат на земјите употреба на вето, што во овој случај, ако Грција реши да го искористи правото на вето, ништо не може да ја спречи и, всушност, ниту една од земјите нема да се плетка со тоа прашање и со овој спор. Оттука не постои друг курс освен да се продолжат преговорите и да направи обид да се најде компромис. Не би сакал да подвлекувам, ниту би сакал да се изразам на шеговит начин, би го зачувал моето лично чувство и мислење, но би кажал дека Чешката Република во изминатите 30 години го смени своето име пет пати.
Чешката Република е за проширување на Унијата и да нема нови бариери за земјите кои чукаат на нејзината врата. Сметате ли дека пред новите кандидати за членство се поставуваат нови услови за прием?
Најпрво би рекол дека сметаме оти процесот на проширување е назапирлив и поради тоа земјите треба да продолжат да го поддржуваат процесот. Како второ би сакал да кажам дека е евидентно оти старите земји-членки или некои од нив веќе го имаат загубено ентузијазмот од проширувањето на ЕУ. Третото што би сакал да го кажам е дека Копенхашките критериуми се доволно прецизни и оттаму дека ние како земји никогаш нема да застапуваме какви било дополнителни критериуми.
Вие сте голем противник на создавање нови поделби во Европа, спротивставувајќи се поради тоа и на специјалната помош за Источна Европа за справување со финансиската криза. Сметате ли дека и покрај се', ЕУ е поделена на „едни и други“?
Сметам дека протекционизмот е нешто што може да не' одведе или, ако се практикува, ќе не' одведе, во многу подлабок проблем и ќе ја пролонгира кризата уште повеќе. Верувам дека сите такви групирања, сите повлекувања линии можат да придонесат за понатамошно делење на Европа, и затоа сметам дека при решавањето на проблемите треба да се фокусираме на индивидуалните проблеми и заштита на секоја земја поединечно. Јасно го отфрливме делењето на тој проблем на стари земји и нови земји, големи земји и мали земји, Север и Југ или Запад и Исток. Сето тоа е нонсенс и доколку тоа продолжи или се случи во практика, ќе не' води во уште подлабока криза. Поради тоа, прашањето или проблемот на создавање вештачко групирање на Источна Европа е на штета на земјите како што е нашата или дури и вашата, бидејќи пазарот има одредени чувства, идеи и замисли за тоа што е Источна Европа, и тие се обидуваат сите земји да ги стават во еден кош, создавајќи еден вид лажен блок на Источна Европа, што не е многу добро. И покрај фактот дека имаме многу здрав банкарски систем, тоа може да биде многу малку ако пазарот продолжи со ваква тенденција. За жал, морам да кажам дека, според мене, има одредени земји кои намерно создаваат ситуации, тоа е мое сомневање, и оттука произлегува лажниот проблем. За жал, за такви цели тие ги користат реномираните информативните агенции или реномираните неделници, како што се „Фајненшел тајмс“ или „Економист“.
Чешка застана на чело на ЕУ во еден од најтешките периоди на Унијата - финансиската криза, енергетската криза. Како се справувате со овие предизвици и колку европските економии се подготвени заеднички да го издржат ударот на рецесијата?
Добро го избравме шестмесечниот период, бидејќи тој е обременет со многу проблеми. Всушност, од претседателството не се очекува да изнајде решение и да го реши проблемот, но се очекува од земјата-претседавач да се обиде цврсто да се справи со тоа прашање, да се обиде да понуди решение и да ги убеди сите 27 членки за тоа решение или барем да се обиде да изнајде компромис заедно со сите земји-членки. Исто така, во рамките на ЕУ, да се биде компанија, банка или држава постојат два водечки принципа кои треба да се следат во таква ситуација, а тоа се солидарноста и одговорноста. Целиот план за економско закрепнување усвоен од ЕУ се обидува да следи две цели, а тоа е на одредена земја да и' овозможи навремено и потребно решение за рецесијата, но притоа да не им наштети на соседните држави. Сите неодамнешни проблеми на земјите, барем досега, се решаваа од ЕУ врз основа на овие принципи на солидарност, но во исто време, на крајот, останува дека секоја земја поединечно е одговорна за она што се случува во земјата и треба да биде внимателна и да се обиде да го спречи тоа. Верувам дека најголем ризик е протекционизмот и инјектирањето голема суми пари во одредени економии, што може потоа да предизвика проблеми со враќањето на парите, системот на задолжување, со вредноста на обврзниците кои потоа ќе ги издава државата, како и со другите прашања и проблеми поврзани со исполнувањето или почитувањето на Пактот за стабилност. Поради тоа, Чешка како претседавач со ЕУ, заедно со Европската комисија, се обидува да ја има улогата на заштитник на правилата, за кои зборував, и на директивите кои, главно, се поврзани со регулативите за државната помош и фер плејот, бидејќи сметаме дека тие се неопходни за да можат да се поддржат другите услови.
Лисабонскиот договор се' уште не е ратификуван од страна на Чешка, а тоа некои го поврзуваат со евроскептицизмот. Колку евроскептицизмот влијае врз Вашето претседавање со ЕУ, особено евроскептицизмот на чешкиот претседател Вацлав Клаус?
Апсолутно го отфрлам и одбивам дека Чесите ќе бидат евроскептици, всушност, сметам дека спаѓаме во оние кои се сметаат за најголеми европоддржувачи. И не смееме да си дозволиме да не' поврзуваат по две прашања. Едно е нашето европејство и идентификацијата и нашето учеството во тој единствен проект, а другото прашање, кое треба да се оддели, е дискусијата за идните правила. Исто како и дискусијата за идното проширување на ЕУ, како и придобивките од европското интегрирање, што се сосема различни теми. На прашањето за Клаус, кога би ве прашал сега да наброите имиња на претседатели на земји-членки на ЕУ, вие би се сетиле само на Клаус и на францускиот претседател Саркози, што не' доведува до двајца и ние сме многу горди поради тоа што Клаус е еден од нив.
|