Почина Морис Жар
Авторот на музиката за „Доктор Живаго“ се закити со три „оскари“
Славниот француски композитор Морис Жар, таткото на Жан Мишел Жар, добитникот на три „оскари“ за филмска музика, почина во својата 84 година во Лос Анџелес. Морис Жар ја создаде прекрасната музика за филмовите на Дејвид Лин, „Лоренс од Арабија“ (1962), „Доктор Живаго“ (1965) и „Пат во Индија“ (1982), за што во три наврати се закити со најголемата филмска награда. Беше и диригент, но ќе остане запаметен како еден од најпродуктивните композитори. Во текот на својата кариера создаде музика за повеќе од 150 филмови, соработивајќи со легендарни режисерски имиња како Алфред Хичког, Џон Хјустон, Лучин Висконти... 80-те години на минатиот век, Морис Жар ги одбележа создавајќи ја музиката за познатите филмски остварувања „Друштвото на мртвите поети“, „Сведок“, „Дух“, за кој ќе биде номиниран за Оскар, како и „Фатална атракција“.
Во Лион всушност, во 50-те години на минатиот век, Морис Жар ја почнува својата успешна кариера како филмски композитор. Благодарејќи на извонредната музика за филмот „Лоренс од Арабија“, Жар ќе стекне голема слава во Холивуд и ќе ја зацврсти соработката со британскиот режисер Дејвид Лин, со кого, како што кажавме, ќе соработува и на филмовите „Доктор Живаго“ и „Патот за Индија“. Со Лин ќе работи и на „Рајановата ќерка“ (1970) во која партитурата целосно ќе биде под влијание на ирската традиционална музика. Во 70-те и 80-години, Жар ќе му се посвети на еден поинаков жанр, научната фантастика, создавајќи музика за неколку СФ филмови, од кои најпознатиот е „Enemy Mine“ (1985). Но малкумина знаат дека пред холивудската кариера, Жар ќе помине голем дел од својата кариера во театар, создавајќи музика за повеќе од 70 претстави, од Шекспир до Кафка.
Она што е специфично за големиот француски ко��позитор, е тоа што во секоја музичка партитура која тој ја создаде за филм, но и во оние помалку познатите за пошироката јавност, концертни дела кои тој самиот претежно ги диригирал, е употребата на, покрај класичните оркестарски, и традиционални инструменти како што е диџириду на пример и мноштво од егзотични перкусии. Но, Жар беше фан на синтисајзерот, а често го користеше и „Мартенови бранови“ кој е еден од првите електронски инструменти.
Во 2006 година, Морис Жар ја одбележа 50 годишнината од кариерата, со голем концерт на отворено во родниот град Лион, заедно со својот син, популарниот композитор и клавијатурист Жан Мишел Жар, кој се смета еден од пионерите на електронската музика. Годинава пак, 59. издание Берлинскиот филмски фестивал го посвети токму на Морис Жар, доделувајќи му ја „Златната мечка“ за животно дело.
Последната музичка партитура за филм Жар ја создаде во 2001 година, за телевизискиот „Uprising“, посветен на жртвите од Холокаустот. (Т.И.) |