Број 2950  вторник, 31 март 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

И годинава репризи на „Мајски оперски вечери“

Покрај премиерата на „Бал под маски“, повторно ќе ги чуеме „Набуко“, „Травијата“, „Мадам Батерфлај“, „Аида“

Тина Иванова

Македонската опера еден месец пред почетокот на „Мајски оперски вечери“ на својата Веб-страница ја објави програмата на единствената оперска манифестација во земјава која, следејќи ја традицијата, ќе се одвива во периодот од 9 до 31 мај. „Бал под маски“ на Џузепе Верди, под диригентство на Урош Лајовиц од Словенија, ќе биде единствената премиера на фестивалот која, заедно со „Љубовна напивка“, беше и најавена во годишната програма на Министерството за култура. Но, до крајот, фестивалскиот репертоар ќе го исполнат поставките на веќе многу пати изведените, оние од т.н. железен репертоар, Вердиевите „Набуко“, „Травијата“ и „Аида“, како и „Мадам Батерфлај“ од Пучини. Ќе биде изведен и балетот „Лебедово езеро“ од Чајковски. Она што љубителите на операта засега единствено ги возбудува, е Гала-оперскиот концерт на кој ќе гостува светскиот оперски пејач, тенорот Владимир Галузин од Русија кој првпат во Македонија настапи лани токму на „Мајски“ во операта „Турандот“ толкувајќи го ликот на Калаф и оствари навистина возбудлива креација. Беше испратен на нозе и со овации. Затоа и се очекува дека неговиот настап ќе го маркира и годинашното издание на оперскиот фестивал.

Но, покрај блескавите настапи на поедини солисти, или гостувањата на врвни диригенти, она што постојано се дискутира кога ќе се спомене операта како институција и особено фестивалот „Мајски оперски вечери“, е програмската или репертоарската политика. За некои, таа е неинвентивна. Недостигаат нови опери, такви кои љубителите на операта одамна не слушнале, но и такви кои првпат би се извеле на македонската сцена. Независно дали се дел од класичниот репертоар или се современи дела кои пак, имаат специфичен третман на светската културна мапа, но не се помалку барани.

Факт е дека оперските куќи насекаде во светот живеат од својот т.н. железен репертоар кој најмногу, велат музиколозите, може да придонесе кон совршената изведба и визуелната перфекција, елементи кои се клучни за да се придобие пошироката културна јавност. Но, тоа е такво ’правило’ во текот на целата репертоарска година. Фестивалите, можат да трпат и предизвици и иновации и експерименти.

Младиот оперски пејач, тенорот Ѓорѓи Цуцковски смета дека Операта репертоарот го креира по потребите и посетеноста на публиката. „Оние претстави кои не ги задоволуваат вкусовите на публиката, повеќе не се наоѓаат на репертоарот“, вели Цуцковски. Тој вели е задоволен од досега креираната репертоарна политика. „Од аспект на репродуктивен уметник, репертоарот ми овозможува музицирање во ремек делата на оперската литература кои на нашата сцена содржат автори од класицизмот, па се до музиката на 20. век. Во изминативе неколку години Македонската опера на ценетата публика и нуди голем број на премиери и обнови, трудејќи се да опфати што повеќе музичко-стилски епохи, а со тоа на публиката да и овозможи разновиден репертоар, адекватен и за публиката со најрафиниран вкус“.

И директорот на Операта, Дејан Прошев, вели дека класичниот репертоар е оној кој привлекува поголем број на публика. Прошев се пофали дека на годинашниве „Мајски оперски вечери“ ќе ја има премиерата на грандиозното дело „Бал под маски“ конечно по 20 годишна пауза, но дека на фестивалот ќе има и голем број на врвни солисти. „Во ’Травијата’ на пример, улогата на Виолета Валери ќе ја толкува бугарската певица Дарина Такова, која е светски позната и пее на најдобрите оперски сцени, а е позната токму по ликот на Виолета. Улогата на Мадам Батерфлај ќе ја пее Фабијана Браво, но и ’Аида’ годинава ќе има интересен кастинг. Повторно насловната улога ќе ја толкува црномурна пејачка, додека Америнс ќе ја пее гостинката од Русија, Ирина Долженко од ’Бољшој театар’. Во ’Набуко’ ќе има гости од Романија и Грузија, додека во ’Лебедово езеро’ од Франција“, вели Прошев.

Многу пати досега се дискутирало и пишувало, на македонската музичка сцена и недостигаат и национални оперски премиери. Најновата македонска опера „Леандер и Косара“, и покрај ветувањата од година во година на одговорните во МОБ дека ќе се постави на сцената, делото на Сони Петровски светлото на денот нема да го види ниту на 37. издание на „Мајски оперски вечери“. Прошев вели дека не знае што се случува со делото на Петровски, не знае ниту дали е завршено, зашто, како што истакна, тоа дело е понудено пред тој да стане директор на Операта. На прашањето, дали Операта има интерес да го постави и воопшто да поставува македонски дела, Прошев рече дека секако ставот на Операта по ова прашање е позитивен, дека МОБ има интерес, но операта на Сони Петровски сеуште не дошла на ред.

Дали ќе се промени ситуацијата на репризна програма во Македонската опера останува да видиме. Но, конечно, неопходно е збогатување на програмата и со новите македонски оперски дела. Покрај „Леандер и Косара“, нова опера има и младата композиторка Дарија Андовска, чија премиера, наместо во Македонија, ќе се одржи во Цирих, Швајцарија, на 4 април во „Театарот на Уметноста“.

Дарија Андовска направи електронска опера

Премиерата на новата опера на Дарија Андовска која ќе се одржи во Цирих, е напишана по текст од македонскиот писател Гоце Смилевски, со неколку интермисии од Умберто Еко и претставува комбинација на жива музика и електроника. Покрај четирите постановки кои ова дело ќе ги доживее во „Театарот на Уметноста“, на 6 април ќе се одржи и симпозиум поврзан со овој проект. Концептот на операта Андовска го направила заедно со Неле Јахнке, режисерка од Германија. Во операта нема пејачи. На сцената има само еден актер, кој, вели Андовска, има најтешка задача- да биде на сцена и да го задржи вниманието и емоционалниот интензитет, без да каже ниту еден збор.

„Едно од нештата кои ги проучував е природната музичка интонација во гласот и ритамот на говорот. Наместо глас кој пее, направив лента од монтажа на гласот на актерот, кој го читаше текстот со многу различни интонации и расположенија, со многу различни поставки на микрофоните во студио. При монтажата на гласот, освен создавање ритам и ��узика од гласот, користев техники за сублиминални пораки, познавања од НЛП и хипноза-со еден збор, ги проучував можностите за влијание на звукот врз мозокот, во зависност од тоа како е распореден во просторот, со која јачина, кој збор...“, вели Андовска. Освен психолошките и звучни истражувања, проектот истражува и филозофски прашања, повеќето од субјективниот идеализам.

Освен лентата, постои и оркестар. Музиката ќе биде изведувана од ансамблот „Тзара“. (Т.И.)


Статијата е прочитана 190 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
Се запали покривот на Македонската опера и балет
„Табернакул“ ќе ја објави „Црна Атена“
Почина Морис Жар
МНТ со „Женидба“ ќе одбележи 200 години од раѓањето на Гогољ