Во градовите повеќе се раѓаат, но и повеќе умираат
Во градовите се раѓаат повеќе деца во однос на селата, но и умираат повеќе лица. Така, во градските подрачја во 2007 година се родени 12.761 дете, што е 56,2 проценти од вкупниот број живородени деца во земјава. Додека во селата се родиле 9.927 или 43,8 отсто од вкупно родените. Овие податоци од Државниот завод за статистика (ДЗС) укажуваат дека бројот на живородени деца во градовите бележи пораст од 0,9% и незначително опаѓање од 0,1% во селските подрачја. Најмногу деца и натаму се раѓаат во Скопскиот регион или 32,6 отсто, а најмалку во Вардарскиот регион со 7,1%.
Во градовите, пак, е забележано дека умреле 11.517 лица или тоа е 58,8 отсто од вкупно умрените лица во државата наспроти 8.077 починати или 41,2% во селата. Во однос на претходната година, како што наведува ДЗС, се забележува зголемување на умрените и во градовите и во селата и тоа за 5,4% во градските подрачја и за 4,9% во селските подрачја. Бројот на умрените доенчиња во градовите изнесува 125 доенчиња, додека во селските 109 доенчиња. Во градовите луѓето во просек живеат 70,2 години наспроти 71,6 години во селата.
Селата имаат поголемо учество и во природниот прираст со 59,8% наспроти 40,2% од градовите. Во три региони - Вардарскиот, Источниот и Пелагонискиот има појава на негативен природен прираст.
И натаму доминира миграцијата село - град. Најмногу миграциите има во Југозападниот регион и тоа 43,5% од вкупните внатрешни миграции, а најмалку од 22% има во Североисточниот регион. (Ј.Ј.) |