Во Франција „Полжав“ против скапата нафта
Париз - Десетици камиони и такси-возила вчера ја започнаа акцијата „Полжав“ и го блокираа главниот автопат за Париз во знак на протест против високите цени на горивата.
Конвојот возила ја започна акцијата „Полжав“ (бавно движење со цел да се предизвика метеж во сообраќајот) околу седум часот по средноевропско време, кога сообраќајот е најгуст, по што набргу го запре движењето по патот што води за парискиот бизнис-центар „Дефанс“.
Против зголемувањето на цените на дизел-горивата протестираа и стотици француски фармери, кои со трактори го блокираа најголемиот склад за гориво, од каде што се снабдува Лион, град втор по големина во Франција,.
Француските рибари, камионџии и таксисти организираа повеќе протести во изминатите неколку седмици, со цел да ги принудат властите да им помогнат на нивните сектори во справувањето со високите цени на горивата. Протести против високите цени на горивата се одржаа и во други европски земји, меѓу кои Шпанија, Италија, Белгија и Португалија. (МИА) |