Брoj 2703  среда, 04 јуни 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска


Site Meter
Економија

Македонците ја трошат цела плата за јадење

Македонско семејство издвојува околу 80 отсто од просечната плата за купување храна и пијалаци

Александрија Стевковска

Светското производство на храна треба да се зголеми за 50 проценти до 2030 година за да се одговори на зголемената побарувачка на храна, порача генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, на средбата на лидери на врвот на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на ОН во Рим. На средбата Бан Ки Мун изјави дека државите треба да ги намалат ограничувањата за извоз и царините за увоз со цел да се ублажи кризата со цената на храната, која предизвика глад и безредија во светот. Францускиот претседател Никола Саркози во Рим истакна дека е неопходно да се стави акцент врз земјоделството во државите во развој.

„Неопходно е да им се помогне на сиромашните држави да си изградат современо земјоделство што ќе им овозможи доволно храна. Тоа е единствениот можен стратегиски избор“, потенцира францускиот претседател.

Проблемот со недостиг од храна е од светски размери, кој уште посилно се рефлектира врз Македонија, каде што за купување храна и пијалаци едно македонско семејство издвојува околу 80 отсто од просечната плата. Тоа е далеку над просекот во ЕУ, каде што средствата што се даваат за храна се движат во рамките од 10 до 20 отсто од просекот на примањата. Со ваквиот податок Македонија спаѓа во редот на земји каде што сиромаштијата зема замав, со оглед на тоа дека трошоците за храна се индикатор за мерење на оваа појава. Фактот што околу 3.000 денари му остануваат на едно просечно семејство по издвојување на трошоците за храна покажува дека речиси е невозможно со просечната плата да се покријат другите животни трошоци, освен прехранувањето во месецот. Растечките цени на храната се закануваат уште повеќе да го оптоварат семејниот буџет на граѓаните.

Последните статистички податоци покажуваат дека вредноста на потрошувачката кошница за храна и пијалаци за едно четиричлено домаќинство за мај 2008 година, пресметана врз основа на цените на мало, изнесувала 12.414 денари и во однос на претходниот месец е повисока за 0,1отсто. Последниот податок на просекот на плата за март годинава покажува дека таа изнесувала 15.529 денари.

Минатиот месец трошоците за живеење, кои се индикатор на инфлацијата, пораснеле за 0,2 отсто во однос на април годинава и тоа најмногу се должело на поскапувањето на овошјето, млечните производи, рибата, производите од жито, преработките од овошје, преработеното и конзервираното месо и на другите прехранбени производи. Минатиот месец ценовен скок забележале и нафтените деривати, обувките, облеката.

Благото намалување на стапката на инфлација минатиот месец покажува дека таа се стабилизира.

„Спуштањето на инфлацијата од двоцифрена во едноцифрена бројка покажува нејзина стагнација и тоа во најголем дел се должи на мерките од НБМ. Стапката на инфлација покажува за колку цените ги удриле граѓаните по џеб. Но, стапката на инфлација различно се рефлектира кај различна категорија граѓани. Не се одразува исто зголемувањето на цените на храната кај оние што земаат, на пример, 20.000 денари плата и кај оние што земаат 8.000 денари плата, кои многу потешко ја чувствуваат инфлацијата“, вели универзитетскиот професор Димитар Ефтимовски.

Рекордно зголемување на цената на храната во последните десет години е забележано и во Европа. Цените на прехранбените производи во Европската унија се зголемени за 7,1 отсто во последните два месеца, што е најголемо зголемување на цените од 1997 година наваму, пишува електронското издание на шпанскиот весник „Ла бос де Галисие“.

Европската агенција за статистика „Еуростат“ објави извештај кој покажува дека тешката финансиска криза на светскиот пазар и високите цени на нафтата се причина за „неподнослива инфлација“ во некои земји од Источна Европа, каде што одделни продукти поскапеле и за 86 проценти.

Она што е страшно е тоа што меѓу поскапите производи се и оние најнеопходните - леб, млеко, сирење, јајца, овошје и зеленчук. За помалку од една година цената на храната во Бугарија се зголеми за 25 отсто, во Литванија за 22 процента, во Унгарија 14, во Романија и во Словенија 12 отсто и 10 проценти во Чешка.


Статијата е прочитана 586 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Економија
Осигурувањето возила ќе поевтини - отштетите нема да се намалат?
Граѓаните масовно возот на гас
Сиромашни една петтина од Грците
Во Франција „Полжав“ против скапата нафта
„Сведмилк“ ќе извезува во Косово
Македонија се' повеќе увезува кинески производи