Македонија се' повеќе увезува кинески производи
Трговската размена меѓу Македонија и Кина лани изнесуваше 243 милиони американски долари, што е 73 отсто повеќе во однос на 2006 година, но целокупната размена отпаѓа на увозот од Кина, додека во периодот 1997 - 2006 година приливот на директни инвестиции од Кина изнесувал 1,4 милиони евра. Според Стопанската комора на Македонија, Кина е втора земја според големината на трговскиот дефицит, веднаш по Руската Федерација. Покриеноста на увозот со извоз е на многу ниско ниво, во 2006 година била 1,1 отсто, а во 2007 година 0,2 процента. Лани Македонија во Кина извезла само руди на хром и концентрати, како и машини. Воопшто не продала делови за шински и трамвајски локомотиви, чиј пласман во 2006 достигнал 1,1 милион долари. Како што посочуваат од Комората, тоа е причината за драстичниот пад на извозот. Зголемување на извозот за 50,1 отсто е забележан во 2003 и во 2005 година, а отпаѓа исклучиво на ладно и топло валани производи од железо. Пред вчерашниот состанокот во Комората, деловни средби имаа македонски и кинески компании од ИТ-индустријата, градежништвото, патниот и железничкиот сообраќај.
Со Договорот за трговска и економска соработка, потпишан на 15 мај 1995 година во Пекинг, Македонија и Кина се обврзани да ги поттикнуваат фирмите од двете земји на развивање на стопанската соработка и на создавање поволни бизнис-услови. Македонско-кинеската комисија на последниот состанок ги разгледа можностите за соработка во делот на енергетиката. (МИА) |