Граѓаните масовно возот на гас
За вградување уред на гас се чека најмалку една недела, а процесот трае од еден до два дена
Александар Пешев
Помалата потрошувачка по километар и пониските малопродажни цени го направија лесното плинско гориво една од најпожелните алтернативи на скапите бензини. Доказ за тоа е се' поголемиот интерес на граѓаните за вградување агрегати на гас во автомобилите. Фирмите што се занимаваат со вградување уреди на гас тврдат дека интересот нагло почнал да расте.
„Интересот е зголемен 300 отсто и постојано расте. Има многу поголем интерес, посебно откако поскапеа бензините“, вели Зоран Димиќ од „Новус“. За вградување уред на гас се чека најмалку една недела, а вградувањето трае од еден до два дена, објаснува Димиќ. „Уредите ги вградуваме и во стари и во нови возила. Голем е бројот и на сопствениците на нови автомобили кои сакаат да вградат уреди на гас“, вели Димиќ.
Граѓаните кои веќе имаат вградено вакви уреди во автомобилите тврдат дека потрошувачката е помала, посебно за постарите модели на автомобили.
„Можеби поновите автомобили имаат помала потрошувачка на бензин, но јас имам стар автомобил и трошокот за бензин беше преголем. Инвестицијата за агрегат на гас брзо ми се исплати, а возењето на гас е поевтино“, тврди граѓанин кој во автомобилот има вградено уред на гас.
Цените за вградување уред на гас се различни и зависат од видот на автомобилот. За основниот модел на агрегат на гас, кој, според познавачите, е наменет за постарите автомобили, цената се движи од 16.500 до 18.500 денари или од 270 до 300 евра. За поновите автомобили со четирицилиндарски мотори се потребни поскапи агрегати чија просечна цена достигнува и до 60.000 денари или приближно 1.000 евра.
„Муштериите ги користат сите олеснувања што им се нудат. Многумина се одлучуваат да го отплаќаат уредот на гас на рати или со платежни картички“ тврди Димиќ од „Новус“.
Производителите тврдат дека возењето на гас е безбедно, посебно доколку вградениот агрегат е атестиран. На Интернет-страниците на производителите на уреди на гас се наведуваат различни стандарди за безбедност, според кои се тестира уредот пред да се вгради во возилото.
Лесното плинско гориво, познато во светот како ЛПГ, е смеса на пропан и бутан, гасови што се добиваат по рафинирањето на суровата нафта. И покрај наглиот раст на цените на светските пазари, гасот и понатаму е поевтин од бензинот.
За разлик�� од другите горива, цената на гасот не спаѓа во надлежностите на Регулаторната комисија. Цената на лесното плинско гориво е пазарно одредена.
Просечната цена за еден литар гас е 36 денари, додека за еден литар бензин се плаќаат 76,5 денари. Малопродажната цена на гасот речиси е двојно пониска од онаа на бензинот. Претставници на компаниите што вградуваат уреди на гас тврдат дека заштедата е поголема кога ќе се земе предвид потрошувачката. „Ако за сто километри се потребни 700 денари за бензин, тогаш истата должина може да се мине и со 350 денари за гас“, тврди Менде Дранговски од „Плиномонт“ - Битола.
Претставници од компаниите што вградуваат ЛПГ во своите автомобили тврдат дека најверни муштерии им се такси-возачите. Но, и покрај видно поголемата исплатливост на гасот во споредба со бензинот, такси-превозниците и понатаму инсистираат на зголемување на цените на такси-превозот, повикувајќи се на високите цени на нафтата. |