Поглед
Министри во поход
Соња Маџовска
Министрите во поход шетаат по фирмите, а, според преродбеничкиот план, за една недела треба да посетат 150 фирми. Навистина амбициозно.
Со тефтерот в раце владините економски министри предводени од вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски, по посетата на дваесетина фирми, веќе запишаа дека компаниите најмногу се жалеле на проблемите со процесот на денационализација и на надоместокот за приватизација на земјиштето.
Колкав тефтер ќе им биде потребен на министрите за да ги запишат сите маки на бизнисмените. Но, не е работата само да се прошетаат и да запишат туку и да остварат, односно да почнат да ги решаваат проблемите. Министерот Пешевски уверува дека не станува збор само за маркетинг. „Цел е континуирано да се подобрува деловното опкружување, а не да се прави политички маркетинг“, вели Пешевски. Но, никаде не се споменува повратот на ДДВ ниту, пак, долгот на државата кон компаниите за завршените работи, излегува дека фирмите имале само бирократски проблеми.
Отворениот дијалог на Владата со бизнис-заедницата доаѓа откако стопанствениците почнаа срамежливо да кажуваат дека не можат навреме да си ги наплатат долговите од државата, а повратот на ДДВ и натаму им е главен проблем. Ама официјално бизнисмените најмногу поплаки имаат на пристапот до финансиите, сложените административни постапки, како и проблемот со приватизацијата на изградено градежно земјиште. За експертите потегот ќе биде оправдан доколку посетите на фирмите донесат реални подобрувања на стопанството. Но, ако газдите јавно, пред министрите, се фалат, а тајно се жалат, тешко дека некој ќе им ги реши проблемите. |