Премиерот ги почитувал медиумите
„Владата со ништо не придонела за каков било негативен извештај поврзан со медиумите. Секој граѓанин што следи медиуми може добро да види дали Владата ги контролира медиумите или можеби тоа го прави некој друг. Ова е Влада што ги почитува медиумите и никому ништо не е сторено. Секогаш кога сме во можност да помогнеме што било за развој на демократијата на медиумите тоа и го правиме. Владата е исклучиво заинтересирана за независност и непристрасност на медиумите и ќе продолжиме да вложуваме напори во тој правец“. Вака вчера се бранеше премиерот Никола Груевски од нападите на пратеникот на СДСМ, Андреј Петров, според кого, последниот Извештај за слободата на медиумите (каде што Македонија бележи пад на 68. место), е показател за ниското ниво на демократијата.
Петров смета дека тврдењата на премиерот декларативно звучат добро, но оти реалноста е сосема поинаква. „Вие го убивте духот на демократијата. Ниедна Влада досега не покажала таква опсесија да ги контролира медиумите. Покажувате тотална нетолеранција спрема неистомислениците. Некрофилијата е болест, а не природна појава“, рече Петров посочувајќи на некролозите со ликот на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Тој го праша Груевски дали чувствува одговорност за катастрофалниот пад на медиумите и за уназадувањето на демократијата. Притоа побара Владата да ги прекине трансферите во медиумите за тие да можат да работат со сопствени средства, а новинарите без автоцензура.
Премиерот рече дека Владата ќе продолжи да дава поддршка за демократски развој на сите медиуми. Исто така, најави дека ќе го анализира Извештајот за медиумите, во смисла на тоа која методологија била користена и дали би��а врз основа на анкета на одредени новинари. (О.В.) |