Иванов во Естонија бара поддршка за ЕУ
Иванов и неговиот домаќин Илвес
Естонија секогаш ја поддржува Македонија за влез во ЕУ и во НАТО и тоа е непроменлив факт. Проблемот за името меѓу Македонија и Грција треба да се реши билатерално. Ова денеска го истакна претседателот на Естонија, Томас Хендрик Илвес, по средбата со претседателoт Ѓорге Иванов, кој официјално престојува во Талин.
„Сакаме да ја видиме Македонија на масата на ЕУ и на НАТО... Наш интерес е пречките што побрзо да се отстранат за да може Македонија да се зачлени во овие важни организации“, рече Илвес. Според него, ова прашање би требало да се реши билатерално.
Шефот на државата Иванов рече дека Естонија секогаш била зад Македонија кога станува збор за евроатлантските интеграции.
„Република Македонија е импресионирана од прогресот и од степенот на соработка што го имаат постигнато балтичките држави, не само во евроатлантските интеграции. Ние тоа постојано го потенцираме како позитивен пример и за нашиот регион. Лично придонесувам на сличен начин да ја збогатиме соработката на Балканот и да го следиме позитивниот пример на балтичките земји“, рече Иванов на заедничката прес-конференција со Илвес. Тој нагласи дека Македонија треба да заврши уште многу работи, но дека, генерално, земјата никогаш не била подобра од денес во спроведувањето на реформите и исполнувањето на критериумите.
Во одговорот на новинарското прашање како другите етнички заедници во Македонија гледаат на проблемот за името, Иванов рече дека Македонија е мултиетничка, мултирелигиозна и мултијазична заедница со специфичен модел на интеграција. „Името Македонија ги обединува сите што живеат на просторот на Македонија. Затоа што Македонија создаде еден специфичен модел на интеграција, тоа е модел без асимилација и секоја етничка заедница во Македонија ги остварува своите права и е лојална кон институциите на нашата држава. Така што името Македонија е заеднички проблем на сите, затоа што со проблемот што го создаде Грција со нашето име се блокираат перспективите на сите оние што живеат во Македонија", рече Иванов.
Македонија и Естонија воспоставија дипломатски односи во февруари 1995 година и имаат неколку билатерални договори. Македонија во 2007 година отвори дипломатско претставништво во Талин, а Естонија од пред две години има почесен конзулат во Скопје. Тоа ги отвора можностите за поинтензивна соработка, пред се', за продлабочување на слабите економски односи. Во 2009 година Македонија била 119. на листата трговски партнери на Естонија, со вкупна трговска размена од 86.000 евра. (MИA) |