Современ софтвер за вештачење на сообраќајни незгоди
Со новата програма ќе се намали времето за вештачење одредени судски предмети и ќе се намалат трошоците
Пред неколку дена Бирото за судски вештачења доби најнов софтвер кој во иднина ќе се применува при вештачење на сообраќајни незгоди. Станува збор за два компакт-диска, наречени ПС-Креш, донација од УСАИД вредна околу 10.000 американски долари.
„Овој софтвер претставува врвно достигнување во технологијата. Тој не е непознат во западноевропските земји, но морам да кажам дека станува збор за најнова генерација на овој софтвер, кој засега се користи само во САД. Имавме можност да го видиме начинот на кој се работи, но до пред извесно време тој беше недостижен за нас. Сега ја имаме оваа програма која ќе ни овозможи симулации на сообраќајки“, вели Пеце Ташевски, директор на Бирото за судски вештачења.
Новиот софтвер, со кој вработените во Бирото ќе се запознаваат во наредните два месеца, ќе им ја олесни работата на судските вештаци. На едниот компакт-диск ќе биде дадена визуелна поставеност на видови и карактери на патишта, а на вториот конкретни ситуации во кои учествуваат лицата или возила. Перфекцијата оди дотаму што со новата програма ќе може на визуелен начин да се прикаже конкретна несреќа, па дури и точните марки на возилата и бројот на лица кои учествувале во несреќата.
Она што е посебно интересно се однесува на пресметките што досега се работеа рачно. Со помош на новата програма и пресметките ќе бидат изработени на компјутер, а отстапувањата од реалните ситуации нема да бидат поголеми од еден до 1,5 отсто. Потребата од еден ваков вид обработка на податоци за конкретни сообраќајни незгоди како најисплатлива ќе се покаже токму во незгоди со жртви или со големи материјални штети.
Од Бирото за вештачења велат дека со примената на новата програма многу ќе се скрати и времето за вештачење на одредени судски предмети, кои се од областа на сообраќајот, а ќе се намалат и трошоците за постапката. (Љ.С.) |