Трагедија во РЕК „Битола“, загина работник
БИТОЛА - Уште една трагедија го потресе РЕК „Битола“ откако вчера загина Љупчо Лазевски, 34-годишен работник од демирхисарското село Сопотница. Несреќата се случила пред 12 часот во новиот рудник Брод Гнеотино додека несреќниот работник ги извршувал своите секојдневни обврски. Станува збор за вработен во фирма-изведувач која била ангажирана во комбинатот. Прес-службата на ЕЛЕМ само го потврди случајот без да располага со подетални информации за начинот на кој се случила несреќата.
Од битолската полиција, по увидот на самото место, информираа дека работникот загинал додека ја подмачкувал лентата што врши транспорт на јаловина. Притоа се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на самото место. Иако лекарите на РЕК веднаш пристигнале на местото на несреќата, сепак, на работникот му немало спас.
Ова е прва несреќа во новиот рудник Брод Гнеотино, кој со ископ на јаглен почна пред три години. Вчера по несреќата увид изврши и Трудовата инспекција, а на истрагата се очекува да се приклучи и републички инспектор за рударство. Врз телото на покојниот ќе се врши обдукција.
Точно пред една година во април во РЕК „Битола“, исто така, загина работник на битолската компанија ,,Бетон ком“, фирма-изведувач. Последната несреќа во РЕК уште еднаш го отвори прашањето колку работниците се заштитени при работа, особено оние вработени во надворешни фирми. Се' почеста причина за ваквите несреќи при работа е недоследната примена на прописите за безбедност при работа, како што е некористење заштитна опрема, потоа непостоење безбеден простор за работа и неизвршување прегледи на опремата. (А.Б.) |