Нова пријава за директорот на АД „Киро Ќучук“
ВЕЛЕС - Полицијата поднесе нова кривична пријава против Киро Камчев, директорот на АД „Киро Ќучук“, поради злоупотреба на службената положба и овластување.
Според МВР, новата пријава му е поднесена, бидејќи како одговорно лице на фабриката не поднел тужба против скопската фирма „Билјана, Љубослав и други“ со што и' овозможил да стекне имотна корист од близу шест милиони денари. Камчев со оваа фирма склучил договор за здружување средства за инвестициона градба на деловен објект со површина од 80,72 квадратни метри во Скопје. Според направениот договор, осомничениот го испорачал градежниот материјал во вредност од 16 милиони денари кој требало да биде наменет за изградба на деловниот објект во Скопје.
По испораката, Камчев во законскиот рок за наплата на побарувањата не ја тужел скопската фирма, туку тоа го направил откако делото застарело. Камчев веќе има неколку кривични пријави поради криминалните дела кои ги направил како директор на „Киро Ќучук“.
Тој се' уште го издржува притворот од 30 дена, што му беше изречен откако минатиот месец беше уапсен. (С.Ќ.Н.) |