Париз се поправа – името и визите не одат заедно
Жан Пјер Жује го демантира неговиот шеф Бернар Кушнер
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Најистуреното лице на француското претседателство со ЕУ, министерот за европски прашања, Жан Пјер Жује, мораше уште еднаш да ја разјаснува француската позиција околу визите за Македонија, овој пат одговарајќи на прашањата на пратеничките Ангелика Бер и Дорис Пак во Европскиот парламент, кои бараа да им ја разјасни последната изјава на шефот на дипломатијата, Бернар Кушнер. Според Жује, не постои директна врска меѓу спорот за името и укинувањето на визите, но постои правна подлога во ЕУ за да се донесе таква одлука.
Проблемот околу името е билатерално прашање кое нема да влијае на процесот на евроинтегрирање на земјата. Пристапувањето на Македонија ќе зависи од исполнување на критериумите. Околу визната либерализација чекаме конкретен предлог од Европската комисија, кој треба да биде одобрен од Европскиот совет со двотретинско мнозинство. Но, не постои директна врска меѓу спорот за името и укинувањето на визите - беше пораката на Жује во Европскиот парламент. Потоа, тој додаде дека е констатиран добар напредок за визната либерализација во земјата и дека многу е веројатно дека Брисел брзо ќе му пристапи на ова прашање.
Прашање, сепак, е колку може да бидат верни овие изјави на Жује, кој неделава ја напушта сегашната функција и заминува на друга во Франција и кој хиерархиски не може да ги коригира ставовите на шефот на дипломатијата, освен ако тој не го побара тоа од него.
Леснотијата со која Кушнер дава контроверзни, но транспарентни оцени одамна е позната, а таа се виде и вчера, кога во интервјуто за „Ле паризиен“ тој призна дека француската надворешна политика е во перманентна контрадикторност со човековите права и дека кога водиш една земја, мораш да ставиш настрана и некои свети нешта.
Процените во дипломатски кругови се дека дури и една од двете големи земји- кочничари, Франција или Германија, може да го блокира безвизниот режим за Македонија, но поради свои интереси, бидејќи досега нема никакви грчки блокади околу ова прашање во Брисел.
„Време е да се престане со пораките дека сте жртви, дека сте исполниле се', а Брисел не ви е наклонет“, беше пораката на европарламентарецот Јелко Кацин на вчерашниот форум околу визите што се одржа од Европскиот граѓански сервис за акција. Тој не и' се обрати само на Македонија, туку пошироко, оценувајќи дека реалност е дека треба да се подигне шенген-завесата, а владите во регионот да се притиснат да го исполнат тоа што го бара Европската комисија.
На форумот беа презентирани резултатите од мониторингот на визното олеснување, со главна оцена дека има голем расчекор меѓу она што го најави Брисел и она што се случува навистина на теренот. „Не најдовме досега позитивна оцена за визното олеснување во целиот регион“, стои во извештајот, со додавка дека повеќето граѓани не гледаат разлика меѓу ситуацијата претходно и сега, по визната либерализација.
Најзагрижувачка е оцената дека сега е дури потешко да се добие шенген- виза и дека нема потврда за зголемено издавање мултивизи. Како најголема неправда се посочува примерот со Албанија која има поригорозен визен режим и од Македонија, а чии граѓани по децении живот во изолација за време на комунистичкиот режим се' уште немаат слобода на движење, сега од друга причина. Како утеха се цитира најавата на Чешка дека ќе работи на создавање на Европа без бариери и дека ќе го забрзува безвизниот режим. |