Технички проблеми во Собранискиот канал
Техничка причина е официјалното образложение поради која деновиве отежнато се пренесуваат седниците од собраниските комисии на третиот, Собраниски канал. Претседателот на собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, Тито Петковски, завчера ја прекина седницата затоа што таа не била пренесувана на Собранискиот канал. „Ја прекинав седницата на Комисијата, а потоа ми беше речено дека има те��нички проблеми за пренос на седницата“, ни рече Петковски.
Извршниот директор на МРТВ, Ефтим Гаштов, ја потврди случката, а нему му било кажано дека на новинарките задолжени за следење на седниците им се слошило, па затоа било потребно време за да се најде нивна замена. Тој ги демантираше информациите дека на Собранискиот канал му се заканува згаснување.
Рафис Алити, претседател на Советот на Собранискиот канал, најави дека на каналот му претстојат реформи. „Проблем е што со две новинарки од МРТВ се покриваат сите активности во Собранието. За прекините некој треба да сноси одговорност, но за тоа претходно треба да се искристализира статусот на Собранискиот канал, за што треба да се интервенира во Законот за радиодифузија“, вели Алити. Тој објасни дека, според Законот за Собрание, е предвиден сектор за поддршка на Собранискиот канал, каде што би требало да се вработат новинари, но дека засега нема ништо од тоа.
„Се планира да се вработат 33 новинари, кои ќе работат во Собранието, но во моментов не може да се реализира тоа, бидејќи треба да се регулира статусот на овој канал за кој работ��т новинари вработени во МТВ“, потенцира Алити. (Ж.Х.З.) |