Број 3375  сабота, 04 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Политика

Државата стана заложник на криминалот

Организираниот криминал не може да функционира без институционална поддршка

Даниела Трпчевска


Брутална чикашка пресметка, каква што не се памети досега. Подземјето се чисти и на површина испливува дека во земјава постојат криминални групи што се подготвени на се'. Но, тие не би биле толку моќни доколку немаат институционална и политичка поддршка.

Вака експертите го оценуваат последното крваво убиство во најголемата скопска населба Аеродром, кога во преполн ресторан беа изрешетани тројца. Според нив, општиот амбиент во земјата дозволува разгорување на насилствата, бидејќи веќе подолго време се созда��а култура на неказнување. „Кога на одредени лица ќе им се даде голема моќ, потоа никој не може да ги запре“, коментираат познавачите на состојбите.

„Утрински весник“ контактираше со поранешни функционери во полицијата, со професори по безбедност, аналитичари и со социолози, од кои се обидовме да добиеме одговор на прашањето на што се должат зголемената агресија и бруталност, особено по последните случаи, оној во Охрид кога до смрт беше претепан татко на три деца од Србија, но и по ладнокрвните убиства во Аеродром. Дел од нив инсистираа на анонимност, но сите се согласуваат дека има премногу насилство во земјава и оти се' повеќе расте бројот на луѓе што се подготвени на суров начин, без да избираат средства, да извршат убиство.

Завчерашната крвава драма во главниот град е последна од низата немили настани, кои кај граѓаните создадоа чувство на несигурност, страв и паника. Тензиите траат премногу долго, поради што експертите предупредуваат дека е крајно време полицијата да им влезе во трага на организираните криминални групи и да го спречи нивното неконтролирано и брутално однесување.

„Подземје има и тоа не може да се негира, како што е евидентен и рапидниот пораст на насилството и на грабежите. Очигледно е дека има некои движења во подземјето, кое се чисти“, вели криминологот д-р Марјан Богдановски.

Според него, повеќе околности и фактори влијаат и придонесуваат нагоните за убиство да дојдат до израз и да испливаат на површина. „Економската криза и социјалните услови се погоден амбиент насилството да се рашири и стане позачестено. Во последниве децении с�� наоѓаме во транзиција и имаме голем социјален и општествен вакуум. Голем дел од луѓето се чувствуваат бесперспективни и инфрустрирани. Она што сега ни се случува е борба на подземјето, односно криминални групи што го искористиле тој вакуум- простор за свое дејствување и доаѓа до нивна меѓусебна пресметка“, објаснува Богдановски, кој повеќе години ја следи оваа проблематика.

Експертите укажуваат дека организирани криминални групи во земјава функционираат веќе 20 години, некогаш со поголем, некогаш со помал интензитет, но дека со години наназад биле потиснати поради психозата што се создаде за можно нарушување на меѓуетничките односи.

„Македонија во изминативе неколку години, особено по неуспешниот обид за влез во НАТО, се најде во ситуација кога сите почнаа да се прашуваат што ќе се случува натаму. Сите влеговме во општа психоза дека може да пукне на меѓуетничка основа и имаше неколку инциденти што наведуваа на тоа. Но, токму тоа фрли во сенка еден друг проблем. Ние едноставно го занемаривме организираниот криминал, кој немаше меѓуетнички предзнак“, коментираат експерти за „Утрински весник“, кои инсистираат на анонимност.

Според нив, досега не се памети вакво ладнокрвно, пресметливо убиство, особено што се говори дека една од жртвите е лице вработено во Шестата управа на МВР, задолжено за обезбедување на државниот врв. Познавачите на безбедносните состојби случајот го карактеризираат како класична пресметка во милјето на организираниот криминал.

„Ваква брутална чикашка пресметка досега не сме имале. Ниту во 2001 година, кога состојбата беше зовриена, не ни се случувале вакви брутални ликвидации“, коментираат нашите соговорници.

Според нив, амбиентот дозволува разгорување на насилствата, каде што веќе подолго време се создава култура на неказнување. Бројните проневери, афери место да се казнуваат се наградуваат. Поделбата на ваши и на наши кулминира со култура на неказнување на политички подобните.

„Организираниот криминал е спрега на криминал и политика. Имаме агенции за обезбедување кои делат ’територии’, никој не ги контролира и имаат огромна моќ што е сконцентрирана во нивните раце. Се чини целата ситуација почна да оди надолу по инцидентот во дискотеката ’Процес‘, кога специјалци влегоа и направија ’ршум. И покрај тоа што ги имаше на камера и точно се знаеше кои се, сепак, целата работа заврши со неколку дисциплински постапки. И толку. Кога на одредени лица ќе им се даде голема моќ, потоа никој не може да ги запре“, коментираат експертите.

Социологот Фросина Ременски, професорка на Факултетот за безбедност, се согласува со тезата дека една од причините за насилство е што изостануваат казни за сторителите.

Според Ременски, акумулацијата на беда и незадоволство, правната несигурност, бесперспективноста – се' е тоа дел од машинеријата што е врзана во едно заплеткано клопче. Од безбедносен и социјална аспект, вели таа, е недозволиво што не постои јавна осуда и да нема казни за лицата што го извршуваат насилството и ги прекршуваат законите.

„Дали слушнавме како МВР постапи по случајот ’Зекиров‘? Каква е казната, или тој се' уште работи во полицијата. Граѓаните се згрозени од примената на насилство од луѓе, локални моќници што сеат страв, а очигледно имаат поддршка и грб да го прават тоа. Селективната примена на законите е очигледна. Во последниве години станавме криминално општество до невидено ниво. Постојат луѓе кои се чувствуваат силни, а селективната примена на законите кон нив доведува до безредие. Најстрашно е што станавме имуни на политичкото безредие и насилство“, вели професорката. Таа смета дека се' повеќе се отуѓуваме, „тоне нашето чувство за солидарност и се јавува анемија, а на површина испливуваат криминални структури што без институционална и политичка поддршка не би можеле да прават што сакаат“.

Експертите се согласуваат дека не постои држава во која нема организиран криминал, но прашање е колку тој ќе раководи со државата и колку таа ќе успее да го контролира и ќе го стави на подносливо ниво.

„Многу е важно што поскоро органите на прогон да дојдат до релевантни информации за организираните криминални групи, кои имаат одредени релации и со соседните земји. Тие се занимаваат со рекет, лихва, недозволена трговија со луѓе и со дрога. Превентива од ваквата ситуација е да се лоцираат групите и да се открие со што се занимаваат“, укажува криминологот Богдановски.

 


#
Статијата е прочитана 1389 пати.

Испрати коментар

Од: jovan
Датум: 04.09.2010 13:15:41
Drzavata e malku poodamna "zaloznik" ili podobro kazano PREVZEMENA od kriminalna organizacija. Skoro vo sekoj"biznis" e umesan "predstavnik" na MVR. Za kriminalot i kriminalnite presmetki i da ne zboruvame,tamu bez isklucok ima ucesnik i od MVR.Najstrasnoto e sto zapocna i stranski "visok" kriminal da vleguva vo drzavava pod zastita ili"dogovor"so ovdesnite kriminalni strukturi.Taka zdruzeni se uste poopasni.Ne e veke tajna deka vo Makedonija edna sosedna mafijaska organizacija od koja"se plasi"cela Evropa ,kupuva i"investira"vo drzavava vo banki.Nikoj nisto ne im moze,i pokraj toa sto blage veze nemaat so bankarstvo,no zatoa se dobra"baza"za sirenje na kriminalnata mreza,a i deluvaat vo korist na ispolnuvanje na nekoj politicki celi vo korist na drzavata od koja sto doagaat."Prestavnikot"nivni za Makedonija e visok"politicar" vo drzavava.Kaj nas so kriminalot e veke alarmantno.Makedonija ima dve ogromni bolki,edna e ovaa so kriminalot i stranskite"investitori"od ovoj tip,druga e popis
Од: Nikola
Датум: 04.09.2010 15:26:00
Vladata t.e. DPMNE e faten "anflagranti" deka ucestvuva vo medjunarodnata trgovija so droga. Odtamu se milionskite imoti na "familijata".
Од: зоран
Датум: 04.09.2010 22:36:23
за убиениот Јордан Јорданов апсурдно е да се дебатира,затоа што тој оддамна требаше да биде убиен на најбрутален начин заради неговите ,,гревови,, и злодела за што незнае пошироката јавност,меѓутоа лица блиски со подземјето истиот веќе го сметаа за мртов. неговата егзекуција (задоцнета) е само кокиче или качунка што наместо навестување на пролетта,навестува нешто друго...
Од: sebastian
Датум: 05.09.2010 00:57:28
„Имаме агенции за обезбедување кои делат ’територии’, никој не ги контролира и имаат огромна моќ што е сконцентрирана во нивните раце“ - и по што тоа ние се разликуваме од Бугарија во 90-те?

Најди! во Утрински
Политика
Владата ветува, а ништо не исполнува
Технички проблеми во Собранискиот канал
Бруталните убиства ја шокираа Македонија