Нема меден месец за новите министри, порача ЕУ
Според Фуере, тие итно ќе мора да се зафатат со реформите
Тамара Грнчароска
„Европската унија очекува брз процес во Македонија за исполнување на реформите што ќе и' овозможат преминување во нова фаза од евроинтегративните процеси на земјата“. Ова вчера им го пренесе на членовите на собраниската Комисија за европски прашања евроамбасадорот Ерван Фуере, нагласувајќи дека сега се очекува брзо заокружување на процедурата за избор на новите министри за да се обезбеди континуитет во функционирањето на институциите и во окончувањето на неопходните реформи.
„Министрите ќе мора да пливаат од прв ден и нема да можат да имаат време за меден месец“, им порача Фуере на новите министри, чиј избор Собранието треба да го потврди денеска. Во тој контекст, Фуере порача дека итно ќе мора да се зафатат со процесот на реформите доколку Владата сака да ги исполни сите критериуми за да добие датум за старт на преговорите со ЕУ. Притоа, тој ја нагласи важноста од усвојувањето на законите клучни за реформите.
Фуере, на седницата на Комисијата посветена на презентацијата на програмата на шведското претседавање со Унијата, информираше дека во текот на овој месец, Македонија, одделно, ќе ја посетат комесарот за проширување, Оли Рен, и специјалниот претставник за безбедност и надворешна политика на ЕУ, Хавиер Солана. Посетите на двајцата високи претставници на ЕУ ќе бидат со цел, како што информираше Фуере, да се потврди предлогот на Европската комисија на процесот на визна либерализација и да се охрабри Владата и политичките партии да сторат се' што е во нивна моќ за да го забрзаат процесот на реформи.
Шведскиот амбасадор Ларс Фреден, презентирајќи ги шесте приоритети на својата земја за шесте месеци претседавање со ЕУ, за петтиот приоритет - проширувањето, ја цитираше програма во која се наведува дека Шведска ќе се залага за континуирано проширување на Унијата како инструмент за стабилност и развој на Европа. Фреден, притоа, ги изнесе заложбите на Стокхолм за неменување на веќе воспоставените принципи на проширувањето. Сепак, шведскиот амбасадор го повтори и тоа дека „брзината на зачленување на секоја ��емја ќе зависи од нејзините индивидуални постигнувања, од заслугите на секоја земја засебно“.
Членовите на Комисијата, во зависност на кој политички блок му припаѓаа, се конфронтираа околу прашањето за постигнатите реформи и пречките на патот на евроинтегрирањето. Така, претседателот на Комисијата, Петар Поп Арсов, со став дека Македонија прави се' за исполнување на осумте критериуми за добивање датум за преговори, спорот со Грција го потенцираше како се' покруцијална пречка за нашето европско пристапување. Тој вчера директно побара од европските претставници ЕУ оваа година да ни даде датум за преговори.
Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ ја обвини опозицијата дека била многу критички настроена спрема Владата, правејќи компарации со Хрватска, каде што опозицијата не ја критикувала владата по секоја цена.
Андреј Жерновски од ЛДП праша дали има некој во Владата и во институциите да ги слушне добронамерните препораки од ЕУ, напоменувајќи дека моментално Македонија работи без сектор за европски прашања, бидејќи двајцата први од секторот се „отсутни“, а на Владата не и' е битно итно да постави нов човек на тоа место.
Владо Бучковски од СДСМ и' порача на власта да не бара виновници за лошиот извештај за спроведените реформи во опозицијата и во Грција и да се соочи со реалноста, а тоа е дека не се исполнети клучните критериуми што ги бара ЕУ, а тоа е департизација на администрацијата и на судството. Според него, опозицијата е подготвена да и' помогне на власта да ги исполни критериумите, но оти тоа треба да биде побарано од неа.
|