Светот сочуствува со полскиот народ
Во својата реакција рускиот претседател Дмитриј Медведев рече дека „деновиве заедно присуствувавме на комеморативни настани во Катин, заедно тагувавме по жртвите од тоталитарните времиња“. „Лех Качињски доаѓаше во Русија за лично да им оддаде почит на убиените полски офицери, и како претседател и како граѓанин на неговата земја. Сите Руси ја делат вашата тага и болка. Ветувам дека сите околности за оваа трагедија ќе бидат најтемелно истражени, во блиска соработка со полската страна“. Медведев информираше дека денеска, 12 април, ќе биде прогласен на ден на национална жалост во Русија“. Реакцијата на рускиот премиер Владимир Путин е дека „никогаш досега не се случило ништо слично “.
Американскиот претседател, Барак Обама, упати сочувство до полскиот народ. Обама изјави дека му се јавил на премиерот Доналд Туск за да го изрази сопственото и од сопругата Мишел „најдлабокото сочувство до народот на Полска за трагичната смрт на претседателот Лех Качињски, првата дама Марија Качињски и сите други што патуваа со него на комеморацијата по повод 70-годишнината од Катинскиот масакр“. Обама ја опиша загубата како „ужасен удар за Полска, САД и за целиот свет“. Тој ги опиша жртвите во авионската несреќа како „едни од најистакнатите цивилни и воени лидери на Полска, кои помогнаа во обликување на инспиративната демократска трансформација на Полска“. „Денес има многу тажни срца низ Америка. САД негуваат длабоки и трајни врски со народот од Полска“, се наведува во соопштението.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, за трагичниот настан рече дека е „ова е политичка и човечка трагедија за Полска, нашиот сосед“. „Лех Качињски беше вистински лобист за својата земја, ја сакаше и беше полемички расположен Европеец. Се сеќавам на многу средби со него на европско и меѓународно ниво, каде што на крајот тој секогаш наоѓаше решение. Знам дека целиот негов живот беше посветен на борбата за слобода на Полска и слобода на Европа“, изјави Меркел.
„Лех Качињски и' го посвети животот на својата земја. Неуморен бранител на идејата во која веруваше, секогаш се бореше со убедување за вредностите што го трасираа неговиот влез во политиката: демократија, слобода и борбата против тоталитаризмот“, се зборовите на сочуство на францускиот претседател, Никола Саркози.
Британскиот премиер, Гордон Браун, по смртта на Качињски изјави дека цел свет ќе тагува поради трагичната смрт во авионска несреќа. „Ние ги знаеме проблемите низ кои мина Полска, жртвите што тој самиот ги направи како дел од движењето ’Солидарност’. Знаеме за придонесот што го имаше во независноста и слободата на Полска“.
Претседателот на Европскиот парламент, Јежи Бусек, во својата реакција вели дека „тешко е да се разбере една трагедија“. „Тешко е да се замисли дека неколку десетици луѓе, повеќето од нив избрани од нас, Полјаците, дека ќе починат за неколку секунди додека ја извршуваат својата должност, додека се на должност за сите нас. Ова беше специјален и невообичаен пат. Беше направен во знак на сеќавање на настаните што се случија пред 70 години. Ова е ужасна коинциденција, ајде да се соединиме, ајде да разговараме меѓусебно“, се зборовите на Бусек.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, во својата реакација изјави дека Качињски и служел на својата земја и на народот со чест и убедување и заслужено бил почитуван на меѓународната сцена. „Неговата смрт, што се случи на пат кон настан што одбележува ново ниво во помирувањето меѓу Полска и Русија, е особено болна“, стои во реакцијата на Ки Мун. (Н.Р.)
|