Број 3255  понеделник, 12 април 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
На прво место

Полскa скршена од тага

Катин вторпат во полската историја стана место
на голема трагедија

Здравко Стаматоски
Специјално за „Утрински весник“



Познањ – Полска е во молк, шок, неверување, солзи, масовни собирања. Земјата и буквално прекриена со бело-црвени знамиња, запалени свеќи пред сите позначајни државни институции, универзитети, училишта и цркви, еден ден по огромната трагедија што го снајде полскиот народ по страшната авионска несреќа во рускиот град Смоленск, во кој животот го загубија претседателот на Полска, Лех Качињски, со сопругата и со уште 94 други високи лица од политичкиот, воениот и црковниот врв, заедно со членовите на екипажот на владиниот авион.

Упатувајќи се кон Катин на свечената церемонија по повод 70-годишнината од големото злосторство на советската НКВД во 1940 година врз елитата на тогашната полска интелигенција и армија, високите достојници и самите ги положија своите животи во катинските шуми. Катин повторно го покажа својот трагичен белег на место како полски историски комплекс, како место на кое веќе еднаш е пролеана полска крв, но и место кое со сета сила немилосрдно го покажа, како што се пишува и повторува тука речиси на секој чекор, своето „проклетство“.

Полјаците масовно ги посетуваат црквите, миси се одржуваат речиси непрекинато, а пред претседателската палата во Варшава огромен број граѓани палат свеќи и се потпишуваат во книгата за спомени. Откажани се сите културни, спортски и други слични настани. Земјата е обезглавена, без своето највисоко раководство, со исклучок на премиерот, маршалекот на Сејмот и Сенатот. Според член 131 од полскиот устав, во ваков случај раководењето со државата по функција ја презема маршалекот на Сејмот, во моментов тоа е Бронислав Коморовски, лице од владејачката Граѓанска платформа на премиерот Доналд Туск, кој на есенските претседателски избори требаше да биде предизвикувачот на сега веќе несреќно загинатиот претседател Качињски.

Во авионот се наоѓаше и уште еден претседателски кандидат, Јежи Шмајѓински, кандидат на полската левица и бивш министер за одбрана. Во своето саботно обраќање кон Полјаците, Коморовски, објавувајќи ја 7-дневната национална жалост, решително истакна: „Државата мора да функционира, таа има и сили и можности. Денес нема ни десница ни левица. Ни партиска ни национална ни религиозна поделеност. Апелирам до вас на заедништво и солидарност, на достоинствено почитување на националната жалост“.

Новонастанатата ситуација бара радикални постапки, во рок од две недели маршалекот на Сејмот и в.д. претседател, треба да предложи термин за предвремени претседателски избори, кои мора да се одржат најдоцна 60 дена од објавувањето на датумот, а согласно со најавите, има намера да изврши консултации со сите политички субјекти во земјата. Медиумите веќе објавија дека изборите би се одржале на 20 јуни.

Сите соговорници во ТВ-програмите апелираат кон единство, заедништво и конечно да престанат внатрешно-политичките расправии, особено по двете клучни прашања што се наметнуваат по овој настан, а кои со голема жестокост се провлекуваа во политичкиот живот во земјата по последните парламентарни избори од 2007 година, пред се', околу прашањето која од владејачките личности е поважна во др��авата, претседателот или премиерот, и како треба да се формираат и да се насочуваат во иднина полско-руските односи.

Сега, според тукашните реакции, не е важно ниту какви биле временските услови ниту дали пилотот направил грешка или причината за страшната катастрофа лежи во густата магла. Предлози имало владиниот авион да слета во Минск или во Москва, но не во Смоленск, што капетанот на авионот го одбил, веројатно, свесен за тоа дека раководи со летало што неодамна имало генерален ремонт во Самара. Сепак, во текот на вчерашниот ден неколкупати се постави прашање зошто највисока полска, државна, воена и црковна делегација лета со руски авион, и тоа стар 20 години. Фактите за отсуство на современа навигациска опрема на локалниот аеродром и во авионот, како што се истакнува, сега не се од поголема важност, иако пред само четири дена на истиот аеродром слета истиот авион со премиерот Туск, како и авионот со рускиот премиер Владимир Путин. Како и зошто на само еден час пред несреќата безбедно слетал авион од послаб капацитет (ЈАК-42), кој ги превезувал полските новинари на местото каде што требаше да дојде до групно поклонение над стреланите 22.000 Полјаци, жртви на сталинистичкиот терор.

Од сево ова многу поважна е една друга позадина, една многу непријатна конфронтација на која со месеци беше изложувана полската јавност од страна на медиумите, а пред се', од двата табора, претседателскиот и премиеровиот. Имено, постојано се водеа полемики кој од највисоките личности треба да лета со владините авиони, а кој со чартери при странските патувања. Честопати Туск и Качињски жестоко отворено преку кабинетите и медиумите се препираа кој од нив е поважна фигура во општеството и во врска со тоа кој на кое столче треба да седи, на пример, на некој од самитите на ЕУ или на НАТО.

Сличен инцидент имаше и пред две години кога за време на грузиските настани пилотот на владиниот авион одбил да ја послуша наредбата на претседателот Качињски да слета во Тбилиси со образложение дека на тој начин се загрозува безбедноста на највисоките лица во државата. По враќањето во земјата, се пронесоа гласишта дека пилотот бил сменет од функцијата.

На 4 декември 2003 година падна хеликоптер со тогашниот премиер Лешек Милер во тешки зимски услови, но со успешен маневар на пилотот беше избегната голема трагедија, а премиерот од несреќата излезе полесно повреден и подолго време одеше со блокада околу вратот. Зимото 2008 година падна воен авион со 20 највисоки лица од военото воздухопловство. Притоа, сите генерали и офицери од полското воздухопловство трагично загинаа, а дискусиите се сведуваа на тоа дека „веќе никогаш Полска нема да дозволи во еден воздухоплов да бидат сместени најважните личности во државата“. Се' до саботниот кобен миг, кога тажната вистина ја демантира оваа, како што се веруваше, сигурна информација.

Што се однесува до самата несреќа, неизбежно е чувството за две многу јасни пораки што ги праќа полското општество, а во кои се согледува високиот степен на разумност и смиреност на обичниот граѓанин. Од сите страни се апелира до политичарите во иднина да се издигнат над личните, партиските и локалните интереси, а притоа, со уште поголем самопрегор и макотрпна работа да ја извадат земјата од хаосот што со сила на нештата би можел да се манифестира при донесувањето брзи и непромислени одлуки при компензирањето на големите човечки загуби.

Исто така, по почетниот трауматичен шок што го доживеа полската јавност отворено и во голем број се искажува голема, речиси неверојатна, за тукашни услови, благодарност кон руските власти на чело со претседателот Медведев и премиерот Путин, кои несебично ги ставија во служба на откривање на евентуалните причини за несреќата сите свои расположливи сили. Особено се изненадени од невообичаено топлото изразување на сочувства кон премиерот Туск и кон целиот полски народ, почнувајќи од двоецот политичари што ја води Русија, па до обичните граѓани кои во огромен број саботата вечерта, како што покажаа сите полски телевизии, се собраа пред амбасадата на Полска во Москва, палеа свеќи и положуваа цвеќиња и венци.

Катин е култно историско место за Полјаците. Место кое со последниве свечености требаше да затвори многу болни страници од полско-руските и онака доста оптоварени односи, а со овој настан неговиот култ во полската национална меморија се мултиплицира и истовремено отвори нови поглавја, пред се', во областа на полско-руското помирување, кое, како што се чинеше по неодамнешната средб�� на премиерите Туск и Путин на истото место, беше на најдобар пат брзо да се оствари. Оваа свеченост требаше да биде од исклучиво патриотски карактер, иако главната работа ја завршија двајцата премиери пред неколку дена. Правото на патриотизам при одбележувањето на вакви болни датуми од историјата на еден народ, во овој случај даде фатални последици.

Во ваква пригода е потребно да се истакне и нешто за самиот претседател Качињски, како жртва по ранг недвосмислено најголема и најболна по полскиот народ. За време на посетата на бившиот претседател Бранко Црвенковски на Варшава пред три години, честа да присуствува на средбите ја имаше и авторот на овие редови како претставник на универзитетската средина и член на Здружението на Полско-македонско пријателство. Покојниот претседател Качињски беше личноста што никого не оставаше рамнодушен, таков беше и за Полјаците, како за неговите приврзеници така и за неговите противници. Беше омилен кај едните, жестоко критикуван од другите, но секогаш патриотски настроен и достоинствен и горделив дури и во критиките. Беше умерен евроскептик и со чешкиот претседател Вацлав Клаус токму по таа основа негуваше топло пријателство.

За нас Македонците при средбата со голема наклоност се декларира по однос на прашањето за името и спорот со Грција, а што нему како правник и историчар не му беше непознато со што тогаш предизвика големо одобрување во нашата јавност како еден од ретките државници во Европската унија кој ситуацијата со спорот околу името отворено ја нарече како „нејасна и неразбирлива од страна на нашиот јужен сосед“ и дека за него „Полска има добри односи со Грција, но тоа не значи дека секогаш треба да го прифатиме она што го сака таа. Историските термини се пошироки од географски“, притоа, не оставајќи никакви дилеми околу тоа како треба да ја нарекуваме нашата држава.

Иако неговите ставови за мнозина беа контроверзни и надвор од проевропските клишеа и норми, тој оставаше силен впечаток на човек многу природен во контактите, речиси секогаш насмеан и скромен. Во тој амбиент одлично, иако тивко и без помпа, но доста срдечно, љубезно и непосредно се презентираше и неговата сопруга Марија, по потекло од семејство со стари аристократски традиции и која течно владееше со повеќе странски јазици.

Полска е обезглавена, Полска е речиси на колена во овој тежок миг за неа. Нема ниту политичко ниту армиско раководство, а во несреќата загина и првиот човек на полскиот финансиско-монетарен систем и гувернер на Народната банка.

Во овие траурни мигови кога од Москва пристигнуваат телата на загинатите, полското општество набрзина треба најпрвин да организира достојни погребни церемонии од невидени размери. Во исто време треба да најде соодветни замени за сите загинати, а во одредени институции во експресен рок треба да се извршат избори на нови лица, на нови потпретседатели на Сејмот и Сенатот, како и нови заменици-министри. Новите пратеници од Сејмот релативно најлесно ќе ги пополнат празните места затоа што изборниот модел за овој дом не предвидува дополнителни избори, туку на нивно место влегуваат следните од изборната листа, додека за Сенатот во три окрузи ќе мора итно да се распишат и одржат избори, а во брзање е тешко разумно да се дојде до логични решенија и тоа, секако, ќе биде најголемиот предизвик на Полска наредниов период.

Според ова што се гледа насекаде, Полска, која со сигурност веќе нема да биде истата Полска каква што беше до 10 април 2010 година.




#
Статијата е прочитана 1993 пати.

Испрати коментар

Од: Silvester, Sydney
Датум: 12.04.2010 01:43:24
Strasna tragedija. Vo avstraliskite medii ne mu se dava nekoja tezina za ova. Vo glavno Avstralija e isklucena od zbidnuvanjata vo Evropa. Povekemina i ne znaat sto e toa Polska, iako Poljacite vazat za educirani, cisti, kulturni i bela evropska rasa. Ako e za Amerika, togas ke gledame 24 casa 7 dena vo nedelata prakticno na site kanali. Ovde povazni se novostite za holivudskite zvezdi i Tiger Woods.
Од: trajko
Датум: 12.04.2010 09:15:39
Sekoe chudo za3 dena. 90 ludje ne ja chinat Polska. I po Tito Tito pa se vide kako se mozhe i bez nego. Polska e golem narod, za sekogo ima zamena. Soshustvo za nastradanite.

Најди! во Утрински
На прво место
Качињски беше принципиелен човек
Македонија загуби голем пријател
Сите во траурни костуми, Груевски во светлосив
Полјаците и Русите заедно ги преслушуваат црните кутии
Кој е меѓу загинатите
Јарослав го препознал братот
Светот сочуствува со полскиот народ