Полјаците и Русите заедно ги преслушуваат црните кутии
За да се избегнат какви било шпекулации околу загинувањето на полската делегација, вчера заедно работеа експерти од двете земји
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Руски и полски истражни органи вчера заедно работеа на местото на уривањето на авионот на полскиот претседател Лех Качињски, кој во саботата претпладне доживеа катастрофа во близина на Смоленск. Од Полска во Смоленск пристигнаа 11 истражители, кои заедно со домаќините ќе направат детална анализа на сите околности, како и местото каде што се урна „ТУ-154“.
Истовремено, во Москва руски и полски експерти заеднички ги преслушуваа и ги анализираа записите зачувани во црните кутии што беа пронајдени во саботата попладне. Лентите од записот се во задоволувачка состојба. Сега црните кутии се наоѓаат во лабораторија каде што ги анализираат експертите. Соопштено е дека лентата во црната кутија во која се запишани техничките параметри испаднала од калемот ,најверојатно поради ударот, но од неа можат да се добијат информации.
Шефот на истражниот оддел при руското обвинителство, Александар Бистрикин, вчера изјави дека првите анализи покажале дека авионот бил исправен, што значи дека до катастрофата не дошло поради некој дефект на леталото. Раководството на Русија инсистираше заеднички да се направи анализа на причините за катастрофата, бидејќи така ќе се елиминираат евентуалните шпекулации.
Во близина на рускиот град Смоленск се наоѓаат два аеродрома: цивилен, кој го викаат јужен и воен - северен. Сега на многумина им се наметнува прашањето зошто авионот на Качињски слетувал токму на воениот аеродром. Одговорот не е тајна. Тој аеродром има квалитетна писта долга три километри, па високи гости слетуваат токму на него.
На тој воен аеродром Северен во средата слетаа премиерите на Русија и на Полска, Владимир Путин и Доланд Туск, што докажува дека домаќините сметаат дека тој е навистина првокласен. Интересно е тоа што московскиот Интернет-портал „Газета.ру“ пишува дека на аеродромот Северен не работеле инструментите за „слепо слетување“. Можеби тоа е причината што диспечерите инсистирале поради густата магла тој да не се спушти во Смоленск, туку во Минск, Витебск или во Москва.
Меѓу полските новинари сега има и такви што претпоставуваат дека пилотите можеби биле натерани од претседателот Качињски да слетаат токму во Смоленск, бидејќи бил во временски теснец. Авионот требало да слета околу 11 часот по локално време, а веќе во 11.30 го чекале во Катин во меморијалниот парк. Ако авионот слетал во Белорусија, на претседателската колона би и' требале најмалку два часа со автомобил да стигнат до Катин. До несреќата дојде во 10,56 часот по локално време на околу еден километар од аеродромската писта кога авионот удри во дрвјата со тркалата, а потоа се преполови.
Можни се три причини за катастрофата: магла, значи лошо време, грешка на пилотитите и некој дефект на авионот. Засега експертите тврдат дека искусните полски пилоти биле премногу самоуверени и не ја прифатиле сугестијата поради густата магла да слетаат во Минск или во Москва. Истото тоа утро контролата на летање на тој аеродром поради маглата вратила еден транспортен авион.
Според првичните анализи, до несреќата изгледа дошло поради грешка на пилотите при маневарот за слетување. Авионот во четири наврати се обидел да слета, но безуспешно. Диспечерот му предлагал на пилотот да слета во Минск, кој е оддалечен од Смоленск околу 200 км или, пак, во Москва. Екипажот сам донел одлука сепак да слета на воениот аеродром Северни, во непосредна близина на Смоленск и таа одлука била кобна.
Веднаш по катастрофата, покрај Смоленск на местото на несреќата се упати рускиот министер за вонредни ситуации, Сегреј Шојгу. Претседателот Медведев формираше државна комисија што ќе се занимава со истражување на причините за несреќата. На чело на таа комисија е премиерот Владимир Путин. Тој веднаш допатува во Смоленск, на местото на несреќата и заедно со полскиот премиер, Доналд Туск, исклучително емотивно ги прегледува остатоците на паднатиот авион.
|