Градоначалниците немаат пари за компјутерите
Министерството за образование ги обврза општините да ги осигурат компјутерите
Жаклина Ѓорѓевиќ
Градоначалниците немаат вишок пари во буџетот за да одвојат за осигурување на компјутерите, кои беа донирани како дел од проектот „Компјутер за секое дете“. Министерството за образование и наука ги обврза општините да ги осигурат компјутерите, кои идната година ќе навршат четири години откако се инсталирани во училиштата.
Министерството во почетокот кога ги донираше компјутерите во училиштата ги осигури само на неколку месеци, а потоа осигурувањето остана обврска на училиштата. Некои училишта, пак, не ни побараа осигурување, бидејќи немаа можност ниту да ги инсталираат компјутерите од најразлични причини.
Во Струмица на директорите на средните училишта им било сугерирано да не ги осигуруваат компјутерите под изговор дека по четири години губат вредност така што „не се исплати да се осигурат“.
Градоначалникот на Струмица, Зоран Заев, е дециден: „Големите општини немаат средства ниту за осигурување ниту за одржување на компјутерите, а да не зборуваме за руралните општини, кои не можат да обезбедат ниту плати“, вели тој. Заев објаснува дека му било потврдено дека има заклучок од Владата, која се обврзала да ги осигури и да ги одржува компјутерите. „Наше е моралната грижа за компјутерите“, додава Заев.
Неговиот колега, градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, коментира: „Премиерот кога ќе ми даде обврски, треба да ми даде и пари. Ако ни даде дополнителни пари, ќе ги осигуриме компјутерите“, коментира Јакимовски. Според него, проектот „компјутер за секое дете“ е „издуван“.
Единствени стражари што ги чуваат компјутерите моментално се дежурните ученици и наставници што секојдневно поднесуваат извештаи за тоа дали нешто е оштетено. Гарантниот рок за компјутерите е одамна изминат, но тоа, според осигурителните компании, нема врска со осигурувањето.
„Ги осигуривме компјутерите и тоа од наши средства. Но, ако има кражби, ќе ги пријавиме во МВР. Сега делумно ја саниравме штетата со наши пари, но и од спонзорства“, вели директорката на гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Скопје, Снежана Мироновска. За ова училиште имаше процени дека штетата изнесувала дури 2,5 милиони денари.
Некои училишта се' уште не ги извадиле компјутерите, што значи се поставува прашање колку тие навистина вредат сега по четири години. Таков е случајот со средното училиште „Јосип Броз Тито“ во Битола, сместено во објект, кој е заштитен со закон како споменик на културата, бидејќи зградата е стара 120 години. „Училниците ни се дупло пократки од стандардните, а клупите ни се споени. Само така има место за 34 ученици. Но, тие не се приспособени на нив да стојат компјутери бидејќи се тесни и на нив може да стои само тетратка“, објаснува директорот Кирил Печалев. Кај нив компјутерите стигнале пред 2 години. За тоа дали се плаши од кражби и оштетувања, тој се шегува: „Кај нас посигурни компјутерите не можат да бидат!“.
Првиот човек на Државниот просветен инспекторат, Џорџе Арсов, вели дека има заклучок на Влада, според која, Министерството за образование и наука наскоро би требало да излезе со конкретен предлог за тоа како ќе ги осигури и ќе ги одржува компјутерите. Иако, училиштата веќе потпишаа договор со општините и Министерството за преземање на компјутерите. Во нив се прецизира дека општините се обврзани да ги осигурат компјутерите и да ја платат штетата на компјутерите ако таа е над 5.000 евра. До тој износ штетите ги покриваат школите.
(Истражувањето е поддржано од Центарот за граѓански комуникации во рамките на проектот за мониторинг на јавните набавки) |