Жесток судски судир околу одлуката за Бајруш
Митриновски остана на тврдењето дека донеле законита одлука, Вангеловски го тврди спротивното и бара одговорност
Гордана Дувњак
Одлуката на Врховен суд со која се укина решението на скопска Апелација за замена на мерката притвор со куќен притвор на тутунскиот бос Бајруш Сејдиу, зајакната со гаранција од 1,4 милиони евра, и натаму ги бранува правосудните кругови и е тема за бројни коментари.
Претседателот на скопска Апелација, Јордан Митриновски, вчера уште еднаш излезе во јавноста со тврдење дека донеле законита одлука, а „несовесноста, нестручноста е на друга страна“, јасно алудирајќи на највисокиот суд. Во речиси педесетминутното образложение на одлуката пред медиумите тој рече дека Врховен суд направил најмалку две грешки. Прво, тоа што оценил дека е недопустлива жалбата (а на ваков начин работат сите судови во државата). Зошто тогаш, прашува Митриновски, првостепениот суд во правната поука до странките упатува на жалба. Вториот пропуст, додава тој, е затоа што највисокиот суд мериторно одлучувал и го укинал нивното решение постапувајќи по барањето за заштита на законитоста од Обвинителството, кое не смее да биде на штета на обвинетиот. Тој укажува дека постои грешка и во формалната страна на одлуката што ја донеле петтемина врховни судии од Кривичниот оддел, па наместо решение се носи пресуда.
„Врховен суд цело време зборува за жалба на решението за притвор, иако во конкретниот случај станува збор за жалба за одбиена гаранција, што е сосема друга работа и регулирана во друга законска одредба“, потенцира Митриновски. Тој потсетува дека допрва ќе се одлучува по решението за притвор во истиот суд.
Првиот човек на скопска Апелација е свесен дека во ваква констелација на политички односи лесно може да „изгори“, па дури и да биде разрешен од функцијата. Но, тврди дека со своето 38-годишно правничко искуство стои зад својата одлука и оти не погрешиле со колегата Исмаил Лимани. Тој ги отфрла како неосновани сите шпекулации за корупција и мито, како главен мотив за донесување на одлуката.
„Ниту некој ми понудил мито ниту, пак, некој зел мито во наше име за, наводно, да изврши притисок врз нас да донесеме ваква одлука“, вели првиот човек на Апелација, кој тврди дека „војната со него“ што ја отворил министерот за правда почнала кога одбил да ја смени судијката Виолета Дума од кривичната материја.
И претседателот на Врховен суд, Јово Вангеловски, кој е еден од петтемина судии што едногласно ја донеле одлуката (заедно со Ристо Катавеновски, Фатон Пачуку, Драган Тумановски и Абдулахим Салиу), останува на претходно кажаното. Тврди дека понискиот суд погрешил кога се впуштил во разгледување на посебна жалба, иако тоа не било дозволено. Признава дека е можно да има техничка грешка во насловот на нивната одлука, но вели дека тоа „не е работа што не може да се коригира“. За него е апсурдна и висината на гаранцијата, па вели за „штета од 13 милиони евра се прифаќа 1,3 милиони евра гаранција, искомбинирана со куќен притвор, што е недозволиво“.
Вангеловски потврди дека поднел иницијатива за утврдување на одговорноста на двајцата апелациони судии и вели дека нема намера да се изземе од одлучувањето во Судски совет, бидејќи тој е нејзин подносител. Бранителот на обвинетиот Бајруш Сејдиу, Милорад Мартиновски, вчера ни рече дека планираат да поднесат иницијатива за барање за заштита на законитоста до јавниот обвинител на Македонија. Но, од Обвинителството зависи дали тоа ќе биде прифатено. Засега размислуваат дали има и други можности, на пример, иницијатива до Уставен суд во делот на заштитата на човековите права и слободи.
„Врховен суд погрешено го примени Законот за кривична постапка. Но, тој е особено јасен во член 408 (став 2), кој вели дека доколку БЗЗ е подигнато на штета на обвинетиот, а судот најде дека е основано, ќе утврди дека постои само повреда на законот, незасегајќи во одлуката“, додава Мартиновски. Тој потсетува на слична ситуација во случајот „Раштански Лозја“, кога токму Врховен суд утврдил сериозни повреди на законот, но не го укинал предметот, туку само констатирал, бидејќ�� во спротивно тоа би било на штета на обвинетите.
Професорот по кривична постапка д-р Гордан Калајџиев во изјавата за „Утрински весник“ потврди дека второстепениот суд донел законита одлука. Сличен став имаат и неколкумина правници што вчера ги контактиравме, кои тврдат дека Врховен суд се повикува на погрешна одредба и оти не смее да одлучи на штета на обвинетиот. Спорно останува единствено дали може да бидат применети две мерки за обезбедување присуство, како и висината на гаранцијата. Но, како што велат нашите соговорници, тоа не е таква грешка што не може да биде поправена, а камоли да биде причина за нечие разрешување. |