Број 3026  петок, 03 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Почина Карл Малден, оскаровецот од стариот Холивуд

Карл Малден е една од најценетите ѕвезди од времето на класичниот Холивуд од средината на минатиот век

Американскиот актер со српско потекло Карл Малден почина во средата на 97-годишна возраст. Тој во последните години имал влошена здравствена состојба, предизвикана најмногу од длабоката старост. Неговата ќерка Мила Дернер изјавила дека починал од природна смрт, опкружен со најблиските во неговиот дом во Бентвуд, Калифорнија.

Карл Малден на пасионираната ТВ-публика најпознат и' е по улогата во култната серија „Улиците на Сан Франциско“ од 70-тите години на минатиот век, додека за филмофилите неговото име асоцира на филмовите

„На доковите на Њујорк“, „Патон“, „Бејби Дол“, „Едноокиот Џек“..., а за улогата на Мич во „Трамвајот наречен желба“ во 1951 година освои „Оскар“ за најдобра машка споредна улога.

Малден е роден во Чикаго, на 22 март 1912 година како Младен Секуловиќ. Татко му бил српски емигрант во Америка, а мајка му Чехинка. Името го сменил во Карл Малден кога имал 22 години, во почетокот на кариерата. За време на Големата депресија, семејството се сели во Гери, Индијана.

Карл Малден е една од најценетите ѕвезди од времето на класичниот Холивуд, од средината на минатиот век. Глумел рамо до рамо со Марлон Брандо, Вивијан Ли, Кирк Даглас, често во вестерн-филмови, особено популарни во тој период. Има снимено околу 50 филма.

Неговата биографија е речиси типична за актерите од старата холивудска гарда. Актерската кариера, т.е. школувањето за актер го започнува напуштајќи ја локалната железара, во Гери, Индијана. Тој момент во неговата биографија, на работник во железара, го повторува во улогата наградена со „Оскар“, во „Трамвајот наречен желба“.Во 1934 година се враќа во Чикаго (каде што е роден) и запишал часови по глума во театарот „Гудмен“, каде што минал неколку години, пред да замине во Њујорк.

Првата улога на Бродвеј ја имал во 1937 година, по што неговата актерска кариера е прекината со Втората светска војна. На глумата и' се враќа мошне успешно во 50-тите години на 20 век. По низа филмови, Малден добива понуда да го глуми поручникот Мајкл Стоун во ТВ-серијата „Улиците на Сан Франциско“, во која партнер му бил Мајкл Даглас.

Малден во 2003 година е награден со награда за животно дело, на Здружението на филмските актери во САД, а за придонес на филмската индустрија откриена е и ѕвезда со неговото име на Булеварот на славните.

Карл Малден и по својот долгогодишен брак е еден од ретките куриозитети во Холивуд. Тој на 18 декември 1938 година се оженил со Мона Гринберг, која ја запознал на часовите по глума во „Гудмен“ и останал со неа до крајот на животот, што е еден од најдолгите бракови во историјата на Холивуд. Од тој брак има две ќерки, Мила и Карла, тројца внуци и четворица правнуци. (Ј.П.)


Статијата е прочитана 233 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
„Едип“ вечерва премиерно во Скопје
Импресивна книга за раскошната убавина на македонскиот пејзаж
Карлови Вари ќе ги донесе Џон Малкович и Изабел Ипер
Промовиран спотот за Охрид - градот на светлината
Македонски уметници на „Внатрешен свет“ во Берлин