Број 3026  петок, 03 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Култура

Карлови Вари ќе ги донесе Џон Малкович и Изабел Ипер


Кадар од филмот „Најголем“

Стартот на чешкиот фестивал ќе го означи американскиот филм „Најголем“ со Сузан Сарандон и Пирс Броснан

Сунчица Уневска

Денеска со американскиот филм „Најголем“, во кој играат Сузан Сарандон и Пирс Броснан, ќе се отвори 44. Филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка. Интересно е дека станува збор за дебитантски филм на младата американска авторка Шана Фесте, со кој реномираниот чешки фестивал (вообичаено најмногу фокусиран на европскиот филм) одлучи оваа година да стартува. Филмот се осврнува на драмата во едно семејство до предградието кое ќе го загуби својот син. Премиерата овој филм ја имаше на независниот фестивал „Санденс“, каде што доби одлични критики.

Годинава Карлови Вари ќе прикаже дури 220 филма во над дваесеттина програми. Она што е интересно е дека овој фестивал ја има смелоста да донесе многу дебитанти, да се обиде да открие нови таленти и да направи еден провокативен избор на новиот независен филм. Во главната програма и годинава се 14 филма, но оваа година убедливо води европскиот филм. Само четири филма доаѓаат надвор од Европа, и тоа од Мексико, САД, Јужна Кореја и Иран. Останатите десет филма се потпишани од европски автори, меѓу кои се Андреас Дрезен од Германија со трагикомедијата „Виски со вотка“, Беноа Жако од Франција со филмот „Вила Амалија“, во кој игра Изабел Ипер, која годинава ќе биде присутна во Карлови Вари за да го прими „Кристалниот глобус“ за нејзиниот придонес кон светскиот филм. Во конкуренција е и контроверзниот унгарски автор Георг Палфи („Таксидермија“) кој доаѓа со еден циничен мозаик посветен на денешното живеење насловен „Јас не сум твој пријател“, а од регионот за наградите „Кристален глобус“ ќе се бори само хрватскио�� филм на Винко Брешан „Не е крај“. А седумчленото интернационално жири кое годинава ќе одлучува за наградите го предводи француската продуцентка Клоди Осар, а членови се и режисерот од Казахстан Сергеј Двортсевој („Тулпан“) и прекрасната иранска актерка и режисерка Ники Карими.

Македонија нема филм во официјалната селекција, но македонскиот режисер Иво Трајков со филмот „Созерцание“, направен во чешко-македонска копродукција, ќе биде презентиран во програмата „Чешки филмови 2008-2009“. Овој филм ќе биде прикажан на 7 и на 9 јули, со тоа што на втората проекција ќе биде претставена и екипата во која, покрај Трајков ќе биде и актерката Верица Недеска - Трајкова, која игра една од главните улоги. Инаку, интересно е како филмот е претставен во каталогот на фестивалот, во кој се вели дека ветеранот Иво Трајков направил парабола, слободно инспирирана од приказната на чешката авторка Божена Немцова и моралните дилеми кои во своите дела ги обработува Кшиштоф Кишловски.

Најинтересната програма на овој фестивал особено за сите земји од регионот е „Источно од Запад“. Во неа досега имавме неколку пати свои претставници, како Игор Иванов, Теона Митевска, Иво Трајков. Во оваа програма секогаш се вкрстуваат многу интересни автори и таа е втора по значење на фестивалот и најреспектабилна за претставувањето на авторите од земјите на Централна и Источна Европа и од советската унија. Меѓу 14 филма селектирани во оваа програма годинава има по два од Унгарија и од Русија, од каде што се и две веќе потврдени имиња, Алексеј Герман и Андреј Крзановски. Во оваа програма се и Артан Минароли од Албанија, како и Иван Черкелов од Бугарија, а од поранешните ЈУ-простори по еден филм доаѓа од Србија и од Хрватска, „Ѓаволовиот град“ на Владимир Паскалевиќ и „Ничиј син“ на Арсен Остоиќ.

Гостинот кој годинава, дефинитивно, најмногу ја подгрева атмосферата е Џон Малкович. На него ќе му биде направена голема почест, а ќе бидат прикажани и два филма, првиот е неговото режисерско деби од 2002 година „The Dancer Upstairs“ во кое игра Хавиер Бардем, а вториот е документарецот на Ребека Камис „Which Was Home“, кој носи една шокантна приказна за децата од Мексико и Централна Америка, каде што Малкович е продуцент.

Уште многу програми нуди фестивалот во Карлови Вари, меѓу кои се „Форум на независни“, „Свежа селекција“, „Друг поглед“, „Отворени очи“, кој прави преглед на најконтроверзните дела од Канскиот фестивал. Програмата „Хоризонти“ носи исто многу возбудливи наслови, но и автори како Џим Џармуш, Сем Мендес, Франсоа Озон, Анджеј Вајда. Тука е и Пол Шредер, кому исто ќе му биде направена почест, а кој доаѓа со новиот филм „Воскреснувањето на Адам“. Фестивалот годинава ја одбележува и 20-годишнината од Кадифената револуција, за што е подготвена специјална програма. Се' на се', Карлови Вари од 3 до 12 јули нуди еден друг поглед на нештата, нуди провокација и смелост поради што младите од многу европски земји редовно се неговата верна публика.


Статијата е прочитана 165 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Култура
„Едип“ вечерва премиерно во Скопје
Импресивна книга за раскошната убавина на македонскиот пејзаж
Промовиран спотот за Охрид - градот на светлината
Почина Карл Малден, оскаровецот од стариот Холивуд
Македонски уметници на „Внатрешен свет“ во Берлин