Македонски уметници на „Внатрешен свет“ во Берлин
Делото на Игор Тошевски ќе биде изложено меѓу делата и на неколку германски автори
Со наслов „Внатрешен свет“, а под кураторство на Елена Велјановска, вечерва во галеријата „Штедефреунд“ во Берлин од 19 до 22 часот ќе биде отворена групна изложба на уметниците Игор Тошевски, Ѓорѓе Јовановиќ и Ивана Драгшиќ од Македонија, како и на Стефка Амон, Инкен Рајнарт и Катја Пудор. Со изложбата што ќе биде отворена до 15 август ќе биде означен и почетокот на проектот што го чинат и видеопроекции и дискусија, што во истата галерија треба да бидат одржани во текот на јули.
На 9 јули во програмата на видеопроекции, со свои дела ќе учествуваат уметниците: Јане Чаловски, Жанета Вангели, Христина Ивановска и Игор Тошевски од Македонија, како и Берит Хумел од Германија. „Внатрешен свет“ е континуиран истражувачки проект кој започнува во Берлин и завршува во Скопје, а е инспириран од дваесетгодишнината од паѓањето на Берлинскиот ѕид, еден од најзначајните настани во современата европска историја. Фокусот на проектот е истражување на значењето на границите и нивното влијание врз луѓето кои живеат во нивни рамки. Во Скопје проектот ќе биде претставен кон средината на октомври, како дел од најавената „Германска недела“, поддржана од германската амбасада. (К.Б.) |