Сонцето ќе ги стопи декемвриските сметки за парно
Поради повисоките температури, снабдувачите ќе фактурираат само 10 отсто од испорачаната енергија
Снежана Калабакова
Граѓаните не треба да стравуваат од редовното декемвриско пеглање на сметките за парно и од евентуални високи износи за плаќање. Ако продолжат високите надворешни температури, можно е декемвриски сметки речиси и да нема. Ова го потврдува и директорот на „Снабдување запад“, Методија Стојчев, кој објаснува дека е сосем реално да дојде до такво нешто, бидејќи ќе мора да биде фактурирано само 10 отсто од испорачаната топлинска енергија.
Од претпријатието признаваат дека поради временските услови, на снабдувачите со топлинска енергија им паѓаат трошоците, што е и причина зошто немаат право да побараат повисока цена за парното. Но, велат дека, сепак, нема да се откажат од делот што не го добија во јули, кога секое снабдување поединечно побара парното да поскапи за 61, односно 68 и 70 отсто, а Регулаторната комисија за енергетика им одобри единствено покачување од само 11,35 проценти. Топлификација „Скопје-Север“ тогаш побара повисока цена за 40,25 отсто, а доби зголемување од само 14,98 отсто.
Од „Снабдување запад“ велат дека на крајот од декември годинава, откако ќе се направат пресметките, можно е, и покрај нивното барање, да им се надомести делот што не го добија во јули, сметките да дојдат на нула. Временските прилики овој пат им се наклонети и на претпријатијата за снабдување и на граѓаните, бидејќи природната сончева топлина ќе им заштеди пари.
„Она што не ни беше дадено во јули, сега ни создава минусно салдо, а загубите ни се 10 милиони денари. Ова се пари што сме ги изгубиле по основа на камати, затоа што граѓаните не ги плаќаат сметките редовно. Тоа значи дека немаме обрт на капиталот. Токму овие загубени пари Регулаторот не ни ги призна во трошоците што ги имавме доставено за јули годинава“, објасни Стојчев.
Втората причина зошто снабдувањата бараат да им се доплати она што, според нив, Регулаторна им го должи од јули, е висината на одобрената маржа од 3 наместо бараните 7 отсто. Бараниот повисок износ за маржа снабдувачите повторно го оправдуваат со висината на износите што ги имаат од неплатените сметки од граѓаните. Тие сметаат дека Регулаторот им одобрил маржа како во услови на стоотстотна наплата на сметките, што ги доведува овие претпријатија, како што тврдат, до неликвидност.
И покрај тоа, тие не се убедени дека ќе има зголемување на цената на парното, бидејќи и декември ќе биде потопол од вообичаено. Тоа, пак, ќе биде причината за помали и декемвриски сметки, а авансите се проектирани на основа на ланските температури во овој месец. Трошоците што биле теоретски испланирани сега се помали. Во овие топли денови, велат снабдувачите, домовите на скопјани ги затоплуваат во зависност од надворешните температури. Од нивната висина се прави и дијаграмот на излезната топлина од топланите. |