Тоше
И песни и солзи за 30. роденден
Со голем хуманитарен концерт завчера во преполната сала „Борис Трајковски“ беше одбележан роденденот на македонската пејачка ѕвезда
Катерина Шекеровска
Помешани чувства, полна сала, големи лед-екрани со ликот на Тоше... Добро познати рефрени, уште попознат и потопол глас во нови песни, но и изведби на дел од колегите на македонската пејачка ѕвезда. Обожавателите и колегите на Тоше Проески завчеравечер се обединија на заеднички концерт во чест на неговиот 30. роденден. Спортската сала „Борис Трајковски“ беше претесна да ги прими сите обожаватели на нашиот пејач, добар дел од нив дојдени и од соседните земји специјално за хуманитарниот концерт, насловен „Со љубов од Тоше“.
Меѓународната фондација „Тоше Проески“, овој пат потпомогната и од активистите во истоимениот Интернационален фан-клуб, трет пат го организираше големиот хуманитарен концерт, кој со нетрпение се очекува цела година. И песни и солзи се пролеаја во салата во која главен изведувач беше токму публиката, која во еден глас ги пееше хитовите на Тоше.
Концертот започна со темата „Игри без граници“ и омилените ликови на нашата ѕвезда - децата, овој пат од хорот „Златно славејче“ и музичкиот кабинет од Крушево, а подзасилени од балетското студио „Еурека“, кои премиерно пред јавноста ја изведоа темата „Пасворд“, напишана од перото на Тоше, а на текст од Огнен Неделковски. Потоа ја слушнавме и „Can you feel the love tonight“ во изведба на Тоше, како и долгочекуваната нова тема и спот „Наслони главу на моје раме“, и двете сместени на постхумниот албум „Со љубов од Тоше“.
Според замислата на организаторот, а по сценарио на Огнен Неделковски, на сцената во „Борис Трајковски“ настапија „Синтезис“, чие заеднички теми со Тоше - „Жена балканска“ и „Ој девојче“, ги испеаја Мартин Вучиќ и Наум Петрески.
„Цело време чувствувам морници низ телото, тука не е битно како ќе испеете, ние сме само декор вечерва, на неговиот концерт и роденден. Тоше секогаш имал верна публика... Тој и не мораше да пее, тој почнуваше, а тие ја завршуваа песната“, ни рече наредниот гостин на концертот Миле Кузмановски, чија песна „Не кани ме“ е дел и од документарниот филм на Тоше Проески. „Кога го сними документарецот, ми се јави да ми каже дека во него ја пее мојата „Не кани ме“ со што ја издигна песната на едно уште повисоко ниво“. Токму таа песна повторно предизвика овации и во салата завчера...
На сцената како и секогаш беше бендот на Тоше, „Блу фанки индивидуалс“, кој ги придружуваше и наредните гости: Жера од „Црвена јабука“ ја испеа „Цреша“, од Бугарија пристигна Јоана, која ја спреми „The Hardest Thing“, Марко Возељ од Словенија пееше „Моја“, а Елена Ристеска го изведе хитот „А можевме“, создаден од перото на самиот Тоше.
Гостинката од Хрватска, Антонија Шола пееше „Волим осмијех твој“, а зад сцената ни изјави дека секогаш и со задоволство ќе пее на концертите во чест на Тоше. „Драго ми е и среќна сум што сум тука на овој ден“. Патем, Шола веќе се одомаќини во нашата земја, а наскоро, како што ни призна, веројатно, ќе го смени презимето во Ружин. Зад сцената таа постојано беше во придружба на младиот македонски бизнисмен и нејзин партнер, Александар Ружин. „Има големи шанси да станам македонска снаа! Разговаравме за тоа со Александар, а останува само да видиме кога, да одредиме време. Би сакала да прославиме и овде и во Хрватска“, ни кажа Шола.
Веднаш по нејзиниот настап, публиката уживаше во звуците на „Несаница“ во изведба на Маја Оџаклиевска, која настапи во придружба на блех-оркестар. Особено емотивен дел беше обраќањето на актерот Дејан Лилиќ, кој пред цела јавност го прочита своето „Писмо“, адресирано до неговиот близок пријател Тоше Проески.
„Малкумина знаат дека сум бил пријател, добар пријател со Тоше. Никогаш не сум го потенцирал тоа, дури ни во некои интимни разговори со мои пријатели зашто знаев какво бреме носи и каква тежина има, знаев каков дар има тоа дете, голем, и тој дар им го подари на сите. Секогаш ќе бидам тука за луѓето што знаат да даруваат љубов и кои без оглед на тоа колку е тоа тешко, да подучат други луѓе да сакаат и да си ја отворат душата. Тоше го правеше тоа цело време, без оглед колку му беше тешко, а во одредени моменти навистина беше така. Вечерва го направив ова од срце, а сигурен сум дека зад моите зборови стојат стотици илјади луѓе од целиот Балкан“, додаде Лилиќ.
Дел од концертното сценарио беа моментите резервирани само за обожавателите на Тоше. Со поддршка на „Блу фанки индивидуалс“, тие ги испеаја „Још увијек сањам да смо заједно“, „Тајно моја“, „Чија си“, „Срце није камен“... Не се штедеа ниту грла ниту раце, одозгора летаа бели балони, пиротехнички средства... Следуваше момент кога публиката спонтано ја запеа „Среќен роденден Тоше...“ Каде и да си, го имаш своето место меѓу легендите. Почивај во мир. |