Лозарите ќе ги корнат лозите
За почеток, ќе се ископаат од 200 од 2.000 хектари лозови насади во Тиквешијата
Ангел Данов
КАВАДАРЦИ - Лозарите во Тиквешијата ќе ги корнат лозите од нивите. За почеток, тоа ќе се случи на 200, од околу 2.000 хектари лозови насади. Катастрофалната состојба во лозарството ги принуди на ваков чекор луѓето што живеат од оваа дејност. Тие незадоволно велат дека погубната политика на државата и игнорантскиот однос на визбите доведоа до уништување на вековната традиција за одгледување винова лоза во најголемиот лозарски регион во Македонија. Засега лозарите не гледаат алтернативно решение. Не знаат која земјоделска култура е исплатливо да ја одгледуваат. Доведена е во прашање егзистенцијата на илјадници македонски семејства, кои со години живеат од производството на грозје, а во прашање е и иднината на цел регион.
Помина и половина октомври, а бербата на грозје никако да заврши. Иако до 11 октомври секоја година лозарите ги завршуваа своите обврски на лозовите насади, годинава, поради хаосот со откупот и со цените, грозјето се' уште виси на лозите. Големи количини од „вранец-кратошија“ скапаа на нивите, а пропаѓаат и од сортата „смедеревка“. Дождот ќе го докрајчи годинашниов род. Лозарите и по кал влегуваат во лозјата за да го приберат родот. На неколку пунктови во Тиквешијата се врши откуп. „Смедеревката“ се откупува во просек од пет денари за килограм. Многу грозје заврши во домашните капацитети на лозарите. Ќе печат ракија, бидејќи така им било поисплатливо.
Оваа година лозарите ќе ја запаметат како најлоша за лозарството. Лути се што државата се' уште не го исполни ветеното. Не добија дополнителни два денара што им ги ветија вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот Љупчо Димовски по мачните преговори во текот на септември. Немаат земено ниту денар од субвенциите што ги исплаќа државата по хектар површина.
„Грозјето не го сакаат. Плаќаат колку за една мастика, а цели семејства од утро до мрак се закопани во лозјата. Пари не зедовме за ланското грозје. За годинашниот род никој не спомнува кога ќе се плати. Од што да живееме? Како да ги плаќаме сметките? Барем државата да ги дадеше ветените субвенции и дополнителната поддршка од два денара“, реагираат лозаропроизводителите: Тие се жалат дека се заборавени по основа на отштета од ланското невреме што зафати поголем дел од Тиквешијата.
„Ќе се уништат многу површини со винова лоза. Повеќе лозари имаат во план да ги исечат лозите. Разочарани се, бидејќи секоја година се соочуваат со истиот проблем. Визбите манипулираат со нас. Цените за откуп се понижувачки. Но, нема алтернатива. Никој не кажува која сорта треба да се одгледува или, пак, која култура би била алтернатива за грозјето“, вели првиот лозар, претседателот на „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов, на чии површини, исто така, остана многу од годинашниов род.
Тој информира дека завчера лозарите се сретнале со министерот за земјоделство и добиле ново ветување, дека од наредниот понеделник државата ќе почнела со субвенции по хектар лозов насад. За хектар површина апликантите за субвенции треба да добијат по 40.000 денари, а дополнителните два денара ќе се исплателе по завршување на откупот.
Остануваат отворени две прашања. Дали и следниот гроздобер лозарите за цена и откуп ќе се борат преку протести и блокади? Дали државата, визбите и лозарите веднаш по завршувањето на бербата, ќе седнат на заедничка маса да ги испеглаат разликите и недоразбирањата.
Советите на четирите општини, Кавадарци, Неготино, Росоман и Демир Капија, вечерва ќе одржат заедничка седница на која ќе ги разгледуваат актуелните состојби во лозарството во Тиквешкиот регион.
|