Туристичко биро наскоро и во Берово
БЕРОВО - Туристичко биро ќе добие и Берово, место кое последниве години силно му е посветено на својот основен ресурс - туризмот. Градоначалникот Драги Наџински вели дека општината била во постојан контакт со Агенцијата за развој на туризмот, а работите за отворање на бирото биле во финална фаза.
„Од година во година имаме се' повеќе гости, а се отвораат и нови туристички капацитети. Туристите престојуваат и во домовите на многу беровски семејства. Но, немаме евиденција за севкупноста на понудата. Отворањето на туристичкото биро ќе ја надомести празнината“, тврди беровскиот градоначалник.
Искусниот туристички работни Владо Мишовски, менаџер на хотелот „Манастир“, вели дека е преседан што такво биро не било отворено и досега. „Ако имаме над 400 соби во приватното сместување и ако се градат мали и поголеми угостителски објекти, јасно е дека општината мора да има регистер на сместувачките капацитети. Сега туристите кои ќе посакаат да го посетат Берово на неколку дена нема каде да се и��формираат за условите и за цените, па се принудени сами да се снаоѓаат“, вели Мишовски.
Според него, Берово губи значајни средства од туристичката такса што изнесува 40 денари дневно за секој турист.
„Тие пари можат да се употребат за туристичката пропаганда на Малешевијата. Во нашиот хотел оваа година имавме два пати повеќе гости, а некои заинтересирани дури моравме да ги препраќаме во други сместувачки капацитети. Летово Берово имаше најголема раздвиженост во последните две децении. Овие факти говорат за можностите на малешевскиот крај“, потенцира Владо Мишовски. (И.Б.) |