Се' е исто само Филипини ја нема!

хрид - Локалната самоуправа од Охрид, заедно со амбасадата на Холандија и Скопската пиварница, оваа година во Охрид, на многу атрактивна локација на крајот од познатото шеталиште - Градскиот кеј, го возобновија Холандскиот парк, истовремено збогатувајќи го со иновативни елементи за одмор и рекреација. Просторот во паркот на Мазија, како што го нарекуваат охриѓани, доби нов лик за прошетка и уживање на туристите и на жителите на најголемиот туристички центар во Македонија. Сега веќе поранешната амбасадорка од земјата на лалињата, Симоне Филипини, позната по велосипедите и својата „применета дипломатија“, не би била тоа, ако во паркот не вградеше и неколку стационирани велосипеди, наменети, пред се', за децата.
Со паркот охриѓани вратија една впечатлива традиција од последните две-три децении од минатиот век, кога во Охрид, во комплексот на „Инекс-Горица“ со љубов се уредуваше „Паркот на лалето“, како еден од симболите на македонско-холандското пријателство крунисано со престојот на најбројните туристи од странство - Холанѓаните. Тогаш се организираше и познатата манифестација „Дилижанса“, кога од холандскиот збратимен град Катвајк тргнуваше „Карванот на пријателството“, меѓу двата града и народа. Холанѓаните продолжија да доаѓаат во Охрид и да го посетуваат привлечното катче, но, по се' изгледа, тоа не го правеа и домаќините, на кои очигледно им е тешко да видат што остана, а што треба да се преобновува во веќе обновениот парк. Најнапред исчезнаа ознаките на паркот, кои потоа беа вратени, па дел од цветните алеи и на крај - педалите од велосипедите! Сеедно дали „сами отпаднале поради неквалитет“, или, пак, некој ги „зајмил“, тие треба повторно да се постават, ако треба и трајно да се зацврстат. Вака паркот остава грда слика, испраќа лоша порака и несоодветен одговор за подадената холандска рака. Еден е срамот за крадците, а повеќекратен за надлежните за она што со месеци го оставиле како грда слика. Освен ако не чекаат да се врати Симоне Филипини и уште еднаш да ги постави велосипедите. (В.М.) |