Број 3641  среда, 27 јули 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Македонија

Преспа во еднодневна туристичка ренесанса

Водата е вратена во езерото, има и уредени плажи, но недостасуваат сместувачки капацитети, па туристите најчесто доаѓаат само на еден ден

Битола - Преспа доживува туристичка ренесанса, ама без шанса за сместување. Прашање за милион долари е каде да најдете сместувачки капацитет на брегот на Преспанското Езеро ако навистина посакате да летувате тука. Радоста дека водата се вратила во Преспа, дека во добар дел од туристичките населби плажите се разубавени како за на разгледница, кратко ќе ви потрае. Зашто следното прашање каде може да преноќите, ќе ви остане без одговор.

Приказната за Преспа оваа туристичка сезона е како во народните приказни. Таму каде што има плажа нема сместување и обратно, каде што има објекти за ноќевање нема уредени плажи. Концесионерите на плажи и сопствениците на камп-приколки за овие проблеми бараат помош од Општина Ресен. Голем проблем за источниот дел на Преспа, за кој никако да се најде решение, е чистата вода за пиење, како и третирањето на отпадните фекални води.

Во туристичката населба Претор плажата веќе неколку години е разубавена и се одржува во кондиција. На плажата има и ресторани и кафулиња, но, за жал, нема пристојно сместување. Во функција се оставени неколку работнички одморалишта и хотел со четириесетина легла. Сите други објекти во Претор, кој пред неколку децении беше најголемото сврталиште за битолчани и жителите од Преспа, сега тонат во заборав, запуштени од предолгите стечајни постапки и недефинираната сопственост. Во историјата заминаа објектите на Црвен крст, на „Транскоп“, камповите на трикотажата „Пелистер“, на СОК, на „Македонија пат“. Додека се' уште можат делумно да се користат хотелот на Шеќераната, камповите на прилепски „Црн бор“, на Македонски железници и хотелот на „Преспа турист“. Единствено во континуитет работат феријалното летувалиште „Преспа Претор“ на битолските феријалци и детското одморалиште „Мите Богоевски“.

„Сместени во феријалното, во Претор. Објектот е запоставен и тоа така е со години, ама некако се снаоѓаме“.

„Убаво е, но, за жал нема никакви инвестиции во сместувачки капацитети. Тука ни е поевтино се' што треба за летување, ама што да се прави, се' е така оставено. Креветите се многу лоши, има по еден стар шпорет, добро е што барем има вода и туш. Чиста романтика“, на шега негодуваат летувалци од Скопје, вработени во „Водовод и канализација“.

Концесионерите на плажи и сопствениците на кафулиња во Претор реагираат дека без можност за подолг престој на туристите и нивниот бизнис не може да ги даде очекуваните резултати.

„Овде во Претор имаме гости, но само за викенди, тогаш е преполно. Кога би имало можност за сместување, тие секако дека би останале и во текот на неделата. За жал, таква е состојбата, недостигаат сместувачки објекти. Ова е дел од државата кој има потенцијал за развој на туризмот, но тешко оди. Ако државата стави рака, тогаш Преспа за многу кратко време ќе биде како Охрид“, вели со оптимизам Игор Симонов, менаџер на ресторанот „Егзотик бич“ во Претор.

Сливница годинава ја доживува својата ренесанса. Оваа туристичка населба на брегот на Преспа доби атрактивна песоклива плажа. Во делот за капење езерото е исчистено од вегетација, а тука е и познатиот ресторан на Цоца, концесионерот на плажата, кој нуди исклучително вкусна храна од преспанското поднебје подготвена на традиционален начин. Сотирка Стеријовска, како концесионер на плажата во Сливница веќе побарала од Општината да и' дозволи изградба на бунгалови, зашто сега има само неколку камп-приколки и тоа е се'.

„Тука доаѓаат туристи од сите страни. Местото ми е направено како што треба, со најубавата плажа на брегот, а барам дозвола за да подигнам бунгалови. Нема каде да ги сместам гостите, во цела Преспа има малку простор за сместување. После 6 јули кога времето се затопли дојде многу народ. Ја сакаат Преспа“, вели Цоца Стеријовска.

За разлика од Сливница и Претор, каде што има услови за капење и сончање, малку подолу по брегот на Преспанското езеро во Крани може да се најде сместување, но не и плажа. Целото крајбрежје од пред некоја година е обраснато со трски. Летувалците од Крани се приморани да патуваат и по неколку километри до Асамати за да можат да излезат на плажа. А, Крани е посебна приказна. Таму за разлика од останатите места на крајбрежјето водата е многу потопла и климата е исклучително блага.

,,Во Крани имаме наша приколка, ама плажата е за никаде. Пред камповите се' е трска. Нема лекар, а плаќаме по 12 илјади денари годишно за камповите. Сме тропнале секаде каде сме сметале дека можат да помогнат, пак ништо. Ниту државата ниту Општината не сакаат да стават рака“, вели битолчанката Сузана Ростовска.

Револтот на камперите е уште поголем бидејќи лани кога АРМ чистеше во дел од крајбрежјето на Преспа го заобиколи Крани.

„Сметките ги плаќаме навреме, а услугите што ги добиваме се никакви. Лани војската уредуваше некои плажи, повеќето приватни, а за нас ништо. Ги средија другите плажи, па дојдоа кај нас и истурија десет камиони со крш. Откако ја загадија водата, ги избркавме. Не може децата да ги капеме во загадена вода. Сега наместо во езеро, се капеме во корито“, реагира Љупчо Јакимов од Неготино.

Оставени без плажа камперите формираа и здружение. Велат дека во Крани има над 400 кампа, а во годините претходно во лето доаѓале и по 4 илјади туристи.

„Како човек во години не сум видел автокамп без плажа. Плаќаме за кампот, а секој ден трошиме пари за бензин за да одиме на плажа. Бараме чаре од градоначалникот на Ресен да ни помогне да се справиме со трската на плажата, ако неа ја отстраниме плажата природно ќе се направи. Сепак, работите кочат и поради незаинтересираноста на ’Агроплод‘“, вели Стојанов.

Од „Преспатурс“, која располага со кампот во Крани велат дека Министерството за животна средина веќе побарало од Општината да изготви елаборат за сечење на трската на брегот, а дури потоа да се уредува и плажата. Камперите не се оптимисти, се сомневаат дека целиот проблем има политичка конотација, па оттаму сметаат дека за плажа сигурно ќе почекаат уште некоја година.

Во споредба со источниот дел на преспанското крајбрежје, на западот на Преспа ситуација е уште поочајна. Таму хотелот „Европа“ во Отешево одамна е под клуч. Единствена шанса да се најде сместување има само во Стење. (А.Б.)


#
Статијата е прочитана 2145 пати.

Испрати коментар

Од: kapacitet
Датум: 27.07.2011 17:14:51
Vodata nadojde vo ezeroto, no sto napravi opstinata?? Vo Pretor nemozes da pomines od gjubre. Firmata Proleter gjubreto go beri koga kje saka. Posle vikend, nemozes da pomiones od smrdea i gjubre. Sto vredat dobrite plazi koga i namal vetrec vi "nosi prekrasna" mirizba.Direktorot na Proleter od Resen voopsto ne reagira na vakvata sostojba. STETA ZA PRESPA!!!!
Од: vlatko
Датум: 27.07.2011 21:14:55
Aqua Pura samo sto ne prorabotela vo Otesevo. Prasajte go Buzlevski zimi majka

Најди! во Утрински
Македонија
Се' е исто само Филипини ја нема!
Комисија
Штипските советници нападнати од бактерии

"""