„Ден на идеи“ во бесконечност
Ванчо Салџиевски, Скопје
Почитувани господа од ВМРО-ДПМНЕ,
Не чекајќи Владата да распишува огласи за прибирање разни идеи, уште на 4 октомври 2006 година преку архива на Владата е доставен предлог за имплементирање на Проектот "Повторно воспоставување на Крушевската Република само како туристичко-стопанска и девизно-финансиска творба, градот Крушево како слободна бесцаринска и шопинг- зона, град Република". Сметав дека заменик0премиерот Зоран Ставрески, на кого го адресирав проектот, ќе го земе во разгледување и замолив за прием по негов избор на време. Бидејќи изминаа 45 дена, на 22 ноември 2006 година, писмено, пак преку архива го потсетив вицепремиерот за доставениот проект. И потоа - ни абер од одговор.
На 6 јуни 2007 година пак лично до Ставрески по факс упатив предмет "Последно молбено барање за прием за разговор за доставениот проект за "Повторното воспоставување на Крушевската Република", со напомена "Со последно очекување за Ваш ценет одговор и евентуален прием". На 11 декември 2006 година градоначалникот на Општина Крушево, Лефкија Гаџоска, испраќа факс од име на општината под број 08/1153/1 од 7.12.2006 год. до Владата на Република Македонија, односно до заменик- претседателот на Владата, Зоран Ставрески како предмет: "Барање средба и наведува "Целта на средбата е детаљно да Ве запознаеме со идејниот проект 'Крушево бесцаринска и шопинг зона' изработен од господинот Ванчо Салџиевски уште во 1991 година и напорите за реализација на овој проект се вклопуваат со Предлог-законот на Владата на Република Македонија за слободни економски зони, кој е во фаза на подготовка. Реализацијата на гореспомнатиот проект ќе значи целосен подем на Пелагонискиот регион, особено на Крушево, не заборавајќи ги заслугите на Крушевската Република за македонската државност".
Понатаму, aдвокатот Кочо Топузовски, поранешен секретар на Собранието на Oпштина Крушево, која донесе акт во 1991 и 1992 година за реализација на проектот, на 12 декември 2006 година упати, преку препорачана пошта, барање за прием и елаборирање на проектот до господинот Никола Груевски и копие до Зоран Ставрески, заменик- претседател на Владата и за господата Веле Самак и Глигор Ташковиќ. И повторно без одговор.
Кажете ми вие од ВМРО-ДПМНЕ на која влада сега да и' доставам идеи во октомври 2008 година? Дали и порано и сега некој ќе достави така значајна за Република Македонија како крушевскиот универзален проект? Дајте ми список на досегашни идеи и оние што сега што ќе достават идеи, па да видам дали оваа Влада има капацитет за вакви проекти. |