Брoj 2784  четврток, 11 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Економија

Македонија на 71. место според условите за водење бизнис

Според Светска банка, нашата земја е на 71. место меѓу 181 земја, што е скок од седум места во однос на лани

Мирче Јовановски

Македонија се искачи седум места на најновата ранг-листа на Светска банка за условите за водење бизнис, но спроведените реформи не беа доволни да се вброи меѓу десетте најреформски земји како минатата година. Во извештајот Дуинг бизнис 2009 (Doing Business) на Меѓународната финансиска корпорација и Светска банка, Македонија е рангирана на 71. место меѓу вкупно 181 земја во светот. Меѓу топ-реформаторите, нашата земја годинава е на 18. место, додека лани беше рангирана како четврта најреформска земја.

Според изготвувачот на извештајот Симеон Џанков, Македонија ќе беше најреформска земја да не беа изборите. „Да ме прашаа пред неколку месеци која земја ќе биде топ-реформатор, ќе одговорев Македонија. Но, да не беа изборите“, рече Џанков на видеоконференција која се одржа вчера со посредство на канцеларијата на Светска банка во Скопје и на која македонските новинари заедно со нивните колеги од неколку земји во регионот имаа прилика да поставуваат прашања. Според Џанков, треба да се има предвид и пресекот што го зема извештајот, 1 јуни, бидејќи во Македонија по тој период беа донесени неколку закони кои ќе се земат предвид при оценувањето идната година.

Во Владата не се разочарани и очекуваат наредниот извештај на Светска банка да биде поволен за Македонија, бидејќи во сегашниот не се влезени неколку закони. Според премиерот Никола Груевски, важно е што за само две години Македонија од 96. напредна на 71. место на ранг-листата на Дуинг бизнис 2009.

„Македонија бележи напредок во рангирањето како резултат на континуираните реформи во шест од вкупно десет индикатори“, истакна вчера на прес-конференција премиерот Никола Груевски. „Значајно е дека изминатата година Македонија нема спроведено ниту една реформа која негативно би се одразила на бизнис-климата“, додаде премиерот Груевски.

Од земјите во регионот сме пред Албанија (86), Црна Гора (90), Србија (94), Грција (95), Хрватска (106) и Босна и Херцеговина (119), а пред нашата земја се Турција (59), Словенија (54), Бугарија (45) и Романија (47). Трета година едноподруго, според експертите на Светска банка, најдобри услови за водење бизнис има Сингапур, пред Нов Зеланд и САД. Годинава лидер во преземените реформи за подобрување на бизнис-климата е Азербејџан, кој направи скок од 97. на 33. место, пред Албанија која од 135 место се вивна на 86. место на ранг-листата.

Годинашнава позиција на нашата земја и' ја обезбедија спроведените реформи во неколку области. Меѓу другото, во извештајот се посочува дека новиот Закон за заштита на личните податоци им дозволува на клиентите на банките да ги проверуваат информациите што се однесуваат на нив во кредитниот регистар, со што се подобрува квалитетот и точноста на информациите. Позитивни поени на Македонија и' донесе и опремувањето на судовите, односно електронското управување со предметите, како и почнувањето со работа на Стопанскиот суд во Скопје, што овозможило да се забрза извршувањето на договорите во комерцијалните спорови. Намалувањето на данокот на добивка, новиот Закон за катастар и зголемувањето на вработувањата во катастарските канцеларии помогнало да се намали времето потребно за регистрација на имотот од 98 на 66 дена, а со надградувањето на едношалтерскиот систем се намалил бројот на процедурите и времето за почнување на деловна активност. Во извештајот, исто така, се фали намалувањето на времето потребно за извоз од 19 на 17 дена и на увоз од 17 на 15 дена, што се должи на реформите во царинската област.

За првиот човек на Светска банка во Македонија Маркус Репник, значајно е што продолжува трендот на реформите што се одразува и на подобрување на на позицијата на Македонија. „Македонија во изминатите две-три години продолжи да биде брз реформатор“, вели Репник.

Лани реформите ја вброија Македонија меѓу десетте најреформски земји во светот. Тогаш премиерот Груевски истакна дека вистинските резултати од реформите ќе бидат видливи за 4-5 години, посакувајќи во наредниот извештај Македонија да биде најреформска земја. Таквите амбиции, сепак, не се остварија. „Да се биде меѓу 10. и 20. место во овие 12 месеци е исто толку голем успех. Задоволни сме што успеавме за само две години да ја донесеме земјата да биде најдобра во регионот. Тоа е значајно, бидејќи сите инвеститори кои ги читаат извештаите ќе увидат дека во Македонија продолжуваат реформите со несмален интензитет“, истакна вчера вицепремиерот Зоран Ставрески.

Регионите на Источна Европа и на Централна Азија веќе петта година едноподруго предводат во спроведените реформи во глобални рамки, се констатира во извештајот. Она што посебно привлекува како сознание е констатацијата дека годинава бројот на реформите на деловната регулатива достигнале рекордно ниво, што значи дека земјите се' повеќе го сфаќаат значењето на спроведување на реформите во деловното опкружување како важен фактор за економскиот развој. Така, според извештајот на Светска банка од јуни минатата година до истиот месец годинава, дури 23 од 25 земји во регионот имплементирале вкупно 62 реформи кои придонеле да се олесни деловното работење.

 


Статијата е прочитана 399 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Економија
Колку ќе поскапи струјата станува енигма
Пченица имаме доволно, ама лебот поскапува
ММФ сега официјално не' скенира
Македонците и Косовците најсиромашни