Одложен концертот на Карлеуша во Скопје
Најавениот концерт на српската пејачка Јелена Карлеуша „All about Diva“, кој требаше да се одржи в сабота (20 ноември) во скопската сала „Борис Трајковски“ во Скопје, е одложен. Според организаторите, причините се од техничка природа. „Причина за одложувањето се техничките проблеми што настанаа завчера со скапата опрема. Поради комплексноста на бината и многуте ефекти што требаше да се наместат во салата, а поради ненадејните проблеми, одговорните луѓе на „Емоушн“ заедно с�� скопските организатори решија концертот да биде одложен“, се вели во соопштението од „Јованов рекордс“ и „Топ-мјузик продукција“, кои стојат зад организација на концертот на српската пејачка.
Неофицијално, пак, во јавноста веќе се шпекулира дека концертот е откажан поради слабата продажба на влезници, како и поради близината на терминот со претстојниот концерт на Светлана Цеца Ражњатовиќ, кој е закажан само една недела по најавениот спектакл на Карлеуша, односно на 26 март во истата сала „Борис Трајковски“ во Скопје.
Концертот на Јелена Карлеуша е презакажан за март наредната година, а точниот датум дополнително ќе биде утврден. Сите обожаватели кои веќе купиле влезници ќе може да ги вратат на продажните места каде што ги купиле или да ги чуваат за концертот на Јелена во март, објаснуваат организаторите. |