„Пензија“ за новинарка која даде контроверзни коментари за Израел
Хелен Томас изјави дека Израелците треба „да си заминат од Палестина“
Дописничката од Белата куќа, ветеранката Хелен Томас, се пензионираше откако даде контроверзни коментари за Израел. Во интервјуто на 27 мај таа изјави дека Израелците треба „да си заминат од Палестина“ и предложи да отидат во Германија, Полска или во САД. Прес-секретарот на Белата куќа, Роберт Гибс, изјави дека нејзините коментари биле „навредливи и за осуда“. Подоцна таа се извини. Томас (89) е новинарка со најдолг стаж како известувач од Белата куќа. Таа најголем дел од својата кариера ја мина работејќи за новинската агенција Јунајтед прес интернешенел, но од 2000 година работи како колумнист за весникот „Хрст“.
„Хелен Томас во понеделникот обелодени дека заминува во пензија“, објави „Хрст“. „Нејзината одлука дојде по контроверзните коментари околу Израел и Палестинците, кои беа снимени на видеолента и пуштени на Интернет“. Коментарите на Томас беа дадени во видеоинтервјуто за веб-сајтот RabbiLive.com каде што била прашана дали има „некакви коментари за Израел. „Кажете им да си заминат од Палестина“, вели таа. „Запаметете, тие луѓе се окупирани и тоа е нивна земја, а не на Германија или на Полска. Тие може да си заминат дома, во Полска, Германија, Америка и на други места“, додава таа.
Во понеделникот Асоцијацијата на дописници од Белата куќа излезе со соопштение во кое се фали „долгата и истакната кариера во новинарството“ на Хелен Томас. „За време на работниот век таа поведе многу проблематични прашања, а беше и првата жена-претседател на Асоцијацијата на дописниците од Белата куќа“, се наведува во соопштението. „Жалиме за нејзините неодамнешни коментари, меѓутоа, и' оддаваме благодарност за нејзината неверојатна кариера и и' посакуваме се' најдобро“.
Нејзините коментари, исто така, предизвикаа критики и од администрацијата на Обама и доведоа до тоа таа да биде изоставена како спикер на доделувањето на дипломите во едно локално средно училиште. Во електронската порака до родителите во која се објаснува промената, Алан Гудвин, директорот на средното училиште „Волт Витман“, во Мериленд, вели дека „церемонијата на свечено доделување на дипломи не е настан за поделеност“.
На нејзиниот веб-сајт Томас вели дека жали за дадените коментари. „Тие не го рефлектираат моето искрено верување дека мир ќе дојде на Блискиот Исток само кога сите засегнати страни ќе ја признаат потребата за заемно почитување и толеранција. Да даде Господ тој ден да дојде што поскоро“. (Би-Би-Си) |