Рудник-гробница пронајден во Мексико
Напуштен рудник за сребро бил гробница каде наркобандите се солободиле од 55 тела
Властите во јужната држава Гуереро, која е популарна кај туристите, во понеделникот соопштија дека се пронајдени 55 тела, речиси двојно повеќе од првичната бројка, во еден напуштен рудник за сребро, кој, наводно, се користел од наркобандите како масовна гробница.
Докази за телата, наводно, жртви на насилство на наркобанди, беа пронајдени минатата недела и официјалните лица тогаш соопштија дека најверојатно има 25 тела во рудникот. Меѓутоа, во текот на неделата се пронајдени и други тела, со што вкупната бројка сега изнесува 55 тела, вели Албертико Гуинто Сиера, јавен обвинител на државата Гуереро. Точната бројка на пронајдени тела беше обелоденета во понеделникот во соопштение на веб-сајтот на државните власти.
Три тела биле мумифицирани, а од две тела останал само скелетот, се наведува во соопштението, што прави да биде нејасно колку време рудникот, наречен „Сан Франциско Куадра“, се користел како масовна гробница. Федералната полиција минатата недела соопшти дека осомничен во случај за организиран криминал им кажал на властите за масовната гробница. Најмалку 15 лица се притворени во тој случај, објави во понеделникот Асошиетед прес.
Властите упатија апел до оние семејства што можеби имаат исчезнати роднини да се јават за да се почне процесот на генетичко тестирање во случај нивните најблиски да се меѓу жртвите. Официјалните лица, исто така, планираат да ги истражат и другите јами за да утврдат дали и таму има фрлени тела. Се чини, телата подолг временски период биле фрлани во напуштениот рудник со длабочина од 90 метри во близина на Такско, град во државата Гуереро, кој е познат по сребрениот накит и други предмети. Областа е популарна кај туристите од САД и од други места. (Њујорк тајмс) |