Број 3302  среда, 09 јуни 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Свет

По матични клетки во Костарика

Медицинскиот туризам стана најбрзорастечки сегмент на туристичкиот сектор

САН ХОЗЕ - Костарика презема остри мерки за неовластената клиника за матични клетки што привлекува стотици странци, кои бараат помош за дегенеративни болести и тешки повреди. Иако Костарика е повеќе позната по своите идилични тропски плажи и бујни шуми, многу болници и клиники од Костарика го претворија медицинскиот туризам во еден од најбрзорастечките сегменти на туристичкиот сектор, односно мотор на нејзината економија. Тие привлекуваат десетици илјади странци што бараат хируршки зафати, стоматолошки услуги, лекување рак, козметичка хирургија и десетици други постапки за неспоредливо помали трошоци што би ги имале во САД.

До неодамна, една од тие атракции беше лекувањето со матични клетки во кое се користат главни клетки собрани од папочна врвца, масно ткиво и од други органи. Минатиот месец министерството за здравство и' нареди на најголемата клиника за матични клетки да престане да нуди лекувања, тврдејќи дека нема докази дека лекувањата се ефективни или безбедни. „Ако не се докажани ефикасноста и безбедноста на лекувањето со матични клетки, не веруваме дека треба да се користи“, вели д-р Илеана Херера, шеф на Советот за истражувања при министерството. „Како министерство за здравство мора секогаш да ги заштитуваме луѓето“, додава таа.

Сопственикот на клиниката, претприемачот Нил Риордан од Аризона изјави за Ројтерс дека ја затворил клиниката и признава дека лекувањата, кои опфаќаат отстранување и повторно инјектирање матични клетки, не се одобрени од Американската администрација за храна и лекови (ФДА). „Мислам дека поентата е во тоа што не е одобрено од ФДА“, рече тој во телефонски разговор од Панама.

Министерството тврди дека клиниката има дозвола да складира матични клетки од возрасни луѓе извлечени од сопственото масно ткиво, коскената срж и донирани папочни врвци на пациентите, но не е овластена да го прави лекувањето.

Некои од пациентите се иритирани што клиниката е принудена да престане да работи. „Мислам дека тоа е смешно, најискрено“, вели Кренстон Роџерс, 67-годишен поранешен продавач од Лас Вегас, кој пред три години се лекувал на клиниката од силен напад на мултиплекс склероза. „Знам што направи за мене. Не сум користел бастун или друго помошно средство по првиот третман“.

Откако беше отворен Институтот за клеточна медицина на Риордан во 2006 година, околу 400 странци, главно, од САД, минаа на експериментален третман што не е достапен во Северна Америка и во Европа за лекување на мултиплекс склероза, повреди на ’рбетот, дијабетес и други заболувања.

Раул Монтехо, 48-годишен невролог од Јужна Флорида, кој беше парализиран од половината надолу во октомври откако удри со возило во телефонски столб, вели дека по лекувањата повторно ја чувствува ногата. „Не станувам и не трчам, но постигнувам многу добар напредок“, рече тој во еден разговор на клиниката во април.

Меѓутоа, други експерти забележуваат дека без контролирани клинички испитувања не може да се дознае дали лекувањето или некој друг фактор создава такви разлики и се загрижени дека клиниката го искористува очајот на болните пациенти со недокажан лек.

Меѓународното здружение за истражување на матични клетки предупредува на претпазливост околу т.н. туризам со матични клетки. „Американските клинички испитувања сега се двосмислени“, вели д-р Дејвид Скаден, кодиректор на Институтот за матични клетки „Харвард“ во Бостон. „Кога се предлагаат такви лекувања, тие, во суштина, се продаваат врз основа на анегдотски информации. Мислам дека опасноста од искористување е неверојатно голема“.

Тимот на Риордан користи матични клетки од возрасни, кои можат да се најдат во телото. Тие матични клетки доведуваат до развој на многу различни ткива и крвни клетки и се стандарден третман за леукемии и неколку други генетички болести. Тие се различни од ембрионските матични клетки што потекнуваат од човечки ембрион. Костарика е католичка земја и употребата на ембрионски матични клетки земени од човечки ембрион е забранета.

Иако во САД се' уште е во фаза на клиничко испитување, истражувачите работат на употребата на матични клетки за лекување срцеви болести, Паркинсонова болест и други нарушувања.

Но, Риордан не ги следеше претпазливите процедури вообичаени во клинички испитувања, како проверка на пациентите што се на лекување наспроти пациентите што примаат лажна терапија за да се исклучи плацебо ефект. Риордан, кој со години работеше на развој на вакцини за рак во Аризона, но никогаш не лекувал пациент со матични клетки, го опишува лекувањето како пионерско. „Во последните четири години сум видел повеќе медицински почетоци отколку што луѓето веројатно ќе видат во нивните животи“, вели Риордан, кој води поголема клиника што планира да ја прошири во соседна Панама. „За мене, тоа е многу возбудливо“.

Риордан има американска компанија „Еидан продактс“, која, меѓу другото, продава хранливи додатоци за кои неговиот тим истакнува дека можат да го поттикнат производството на матични клетки од крвта во организмот. Тој, исто така, е претседател на компанијата „Медистем“ со седиште во Аризона, која се обидува да ги комерцијализира терапиите со матични клетки, особено со клетки извлечени од менструална крв. Дури и пациентите кои забележале позитивни резултати одбиваат да ја рангираат терапијата на Риордан како чудесно лекување.

Холи Хјубер, 37-годишен бизнисмен од Сан Диего, кај која беше дијагностицирана секундарна прогресивна мултиплекс склероза, вели дека прв пат за една година ги почувствувала стапалата три недели откако и' биле инјектирани матични клетки собрани од стомачното масно ткиво. „Не велам дека сум 100 проценти излекувана. Тоа не е разумно. Но, дали можам да функционирам? Да“, додава таа. Хјубер вели дека потрошила 300.000 долари за лекови и холистички лекувања во САД со мали резултати, а потоа побарала лекување со матични клетки од 30.000 долари во Костарика. „Немав што да изгубам“, вели таа. (Ројтерс)


#
Статијата е прочитана 492 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Свет
„Пензија“ за новинарка која даде контроверзни коментари за Израел
Обама бара „да клоцне“ нечиј задник
Воените лидери ја градат авганистанската империја
Рудник-гробница пронајден во Мексико