Театарот го прават луѓето
Од овој момент, времето во Градски театар - Скопје ќе се мери во изговорените реплики на сцената, вели режисерот Дејан Пројковски
Тина Иванова
„Максим Бродски е македонскиот Хамлет кој денес во Македонија е исправен пред клучната своја дилема која звучи апсурдно, но и сизифовски - ’Да се биде или Да се биде’. Тоа е неговиот единствен избор. Претставата ќе зборува за човекот кој со сите сили се обидува да ги зачува своите идеали, т.е својата верба, љубов и надеж“. Вака накусо, во разговорот за „Утрински“, режисерот Дејан Пројковски ја опишува претставата „Р“ која вечерва, во Младинскиот културен центар во 20 часот, ќе ја доживее својата премиера и наедно ќе го означи отворањето на новиот театар насловен „Градски театар-Скопје“.
„За главниот лик Максим Бродски“, продолжува Пројкоски, „театарот станува единственото место каде што може да се пронајде и да се создаде вистината. Претставата од една денешна гледна точка во време на глобализации кога сите револуции се мртви, ќе праша - можна ли е револуција денес и секако главната дилема уште од француската револуција ’Ги јаде ли револуцијата своите деца’. Но, главно оружје на Максим Бродски е зборот, бојно поле е сцената, а револуцијата на која повикува треба да се случи длабоко во срцето на секој човек. Значи, борба на човекот со нечовечкото во себе, кое го носиме како некое проклетство“.
Инаку, автор на претставата „Р“, која го носи поднасловот „Драмски сон со стрелање во азбука во 15 слики“, е Јордан Плевнеш. Текст, кој на македонската сцена се поставува по пауза од 20 години. Главниот лик, ликот на Максим Бродски, го толкува Рубенс Муратовски, а меѓу другите, вечерва во претставата играат и Сашо Тасевски, Билјана Беличанец-Алексиќ, Игор Георгиев, Диме Илиев, Благој Чоревск��, Катерина Коцевска... Музиката е на Горан Трајковски, сценографијата на Владо Ѓорески, додека костимите ги изработи Благој Мицевски.
По „Последниот ден на Мисирков“, која минатиот месец со Струмички театар ја доживеа својата премиера, „Р“ е втора претстава на која, за мошне кус временски период, се потпишува креативниот тандем Плевнеш-Пројковски. Режисерот Дејан Пројковски вели дека театарското пријателство со Плевнеш не е од сега. „Моето пријателство со Плевнеш и неговите драмски текстови е уште од моите театарски почетоци кога како средношколец во драмското студио ’Солза и Смеа’ сум режирал две негови драми. Во тој период постојано се допишувавме на релација Париз-Битола. Плевнеш е еден од луѓето кои во моите почетоци ме научија дека театарот може да го промени светот и да го направи подобро место за живеење. Тоа е вербата која човек мора да ја носи во себе ако сака да се занимава со уметност“, вели Пројковски, кој додава дека ова сега, е негово професионално враќање кон пиесите на Плевнеш. „Ми се допаѓа јазикот и стилот на кој пишува Плевнеш, кој како да црпи инспирација од античките драми кои се пишувале и играле во овие простори“, истакнува Пројковски.
Со претставата „Р“ вечерва и официјално почнуваат активностите на новиот Градски театар-Скопје чиј концепт, како што најавува неговиот уметнички директор Дејан Пројковски, е храбро да ги прифати современите европски стратегии за театар, да биде авангарда на постоечката културна политика во Македонија. Одамна тлее потребата за нова театарска сцена во Македонија, и особено во главниот град, потребата за нова форма, нов израз, за нов предизвик. Како што рече и актерот Рубенс Муратовски на пресот по повод претставата „Р“, отворањето на театарот е како отворање на црква, тоа е сакрално место за актерите, со надеж дека така ќе го доживее и публиката.
За отворањето на Градски театар, Пројковски вели дека се важни неколку фактори. „МКЦ континуирано 33-ти години го организира фестивалот МОТ и на тој начин ги собира најавангардните и најхрабрите театарски автори од целиот свет, а воедно го афирмира и на најдобар можен начин го презентира македонскиот театар во светот. А, Градски театар во МКЦ, затоа што тоа е институцијата која бескомпромисно ја поддржува авангардата т.е. создавање на вистинска уметност без компромис. Градски театар во МКЦ затоа што овде ги има сите просторни и техничко-технолошки услови за создавање на репертоарен Градски театар“, истакнува Пројковски.
„Но, сепак, како што рекол Бертол Брехт, ’театарот не го прави зградата, туку луѓето во неа’. А, собирањето на огромниот дел уметници кои почнуваат да работат во Градски театар и да ја носат идејата за еден нов театар, тоа го потврдува. Театарот го прават луѓето. Основањето на Градски театар-Скопје значи отворање на театарска сцена која храбро ќе пристапи кон прифаќањето на современите европски стратегии за театар, но во исто време и селективно ќе го гради сопствениот театарски идентитет, со што ќе предничи пред постоечката културна политика во Македонија. Градски Театар Скопје ќе биде отворен за истражување, провоцирање и изнајдување на нови театарски форми, нов театарски јазик, нова театарска драматургија низ една лабораториска практика на преиспитување и докажување на новите домашни театарски вредности“. Пројковски вели дека оваа сцена ќе промовира проекти на авторски тимови кои ќе се спротивстават на востановениот конвенционален, шаблонизиран театарски израз кој, пак, е репрезент на масовната култура. „Ние не сакаме да создадеме подобар или полош, туку сакаме да создадеме поразличен тип на театар од постоечките“, истакнува Пројковски.
Инаку, Скопје беше една од последните европски метрополи која немаше градски театар, во споредба со големите европски градови кои имаат и по неколку градски театри, а кои, како што истакнува Пројковски, го отсликуваат културниот идентитет и дух на градот. „Македонија е земја на големи уметници. За нашите актери се вели дека се едни од најдобрите во Европа, а нашата публика една од најпрефинетите. Мислам дека треба да има што повеќе места за средби на актерите со својата публика. Питер Брук рекол дека ’театар е кога еден игра, а еден гледа’ - што значи се додека има публика во салонот, еден театар ја има својата смисла на постоење“, вели Пројковски. „Во општата слика на целосна глобализација, ни изгледа неверојатно дека театарот може да го промени светот, да не промени самите нас, да ги скенира нашите морални и естетски вредност��..., поставувајќи ги прашањата пред кои и боговите молчат и соочувајќи не со сопствените преиспитувања и поставувајќи се како вистинско огледало пред сите наши дилеми“. Од овој момент, вели Пројковски, времето во Градски театар-Скопје ќе се мери во изговорените реплики на сцената, изиграните театарски претстави, премиери, гостувања и сето тоа потврдено и овековечено во аплаузот на публиката како единствена смисла на нашето театарско постоење.
По вечерашната изведба на „Р“, на репертоарот на Градски театар наскоро ќе се најдат и праизведбата на „Воајер“ на Габриела Стојаноска-Станоеска, во режија на Александра Кардалевска, потоа „Дон Жуана од Македонија“ според „Дон Жуан“ од Молиер, во режија на Патрик Вершурен, „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет, во режија на Ристо Алексовски, „Слугинки“ од Жан Жене, во режија на Џеми Лоренс, како и „Галеб“ од Чехов, во режија на група автори. Пројковски вели дека во планот и стратегијата на ГТС се зацртани шест главни сегменти, па освен продукцијата на театарски претстави, се и организирање на семинари и работилници, претставување на нови драмски текстови и автори, издаваштво, гостувања на театарски претстави и воспоставување на редовен репертоар.
|