Предавања и работилници за современиот танц
Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата „Локомотива“ и годинава, по втор пат, го продолжува меѓународниот проект за развој на современиот танц во регионот „Номад танц академија 2009“. Програмата на проектот, составена од предавања, работилници и отворени дискусии, почнува денеска, а ќе трае до крајот на овој месец.
Денеска во Скопје пристигнува втората генерација студенти, а ја сочинуваат 13 танчари, кореографи и актери од регионот, кои ќе работат, практично и теоретски, со истакнати кореографи, теоретичари и режисери, меѓу кои: Јасмина Пролиќ од Франција/Босна и Херцеговина, Соња Здравкова-Џепаровска и Деан Дамјановски од Македонија, Рок Вевар од Словенија и Изабел Шад од Германија. Предавањата ќе се одржуваат во Културниот центар „Точка“, додека работилниците во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Инаку, едукативната програма на „Номад танц академијата 2009“ почна во Сараево на 27 февруари. Тринаесетте студенти од регионот четири месеци патуваат, живеат, учат и создаваат заедно. Скопје е втората нивна станица, а потоа ќе продолжат и во Софија, Белград, Кањижа, Загреб и во Љубљана, каде што програмата ќе биде заокружена на 21 јуни со конференција на истакнати европски кореографи.
„Со едукативната програма на ’Номад танц академијата’ ќе се подобри и поттикне размената, учењето и креацијата во доменот на современиот танц во регионот, преку програма на интердисциплинарни работилници, предавања, студентски посети и средби со уметници и теоретичари од сите земји-учеснички од регионот и од светот“, велат од „Локомотива“. (К.Р.)
|