Штип бара спас за реката Лакавица
Постои проект за изградба на каналска мрежа за Лакавичко Поле, но тој никогаш не се реализира
Иван Бојаџиски
ШТИП - Реката Лакавица три децении не видела вода. Последица на сувото корито во Лакавица е снемувањето на животинскиот и на растителниот свет. Штип бара спас за реката. Управата за водостопанство е предупредена дека во реката не се пушта ниту гарантираниот биолошки минимум.
Последниве три години Штип повеќе пати побара од управата на акумулацијата „Мантово“ да се почитува законот. Тоа значи реката да добие барем минимални количини вода заради одржување на растителниот и на животинскиот свет, а дел да користат земјоделците кои имаат ниви од двете страни на речното корито.
На браната „Мантово“ излегоа претставници на трите заинтересирани страни. И тоа Општина Конче, на чие подрачје е езерото, Општина Штип и Управата за водостопанство.
„На самото место констатиравме дека од браната не се испушта ниту капка вода во коритото на Лакавица, и покрај тоа што постои техничка можност и иако се инсталирани нови испусни вентили. Побаравме сите одговорни институции да постапуваат согласно со законот, бидејќи граѓаните кои имаат ниви по должината на речното корито, како и сопствениците на викендички, бараат да им се обезбеди правото на вода. Во тоа дека одговорните од ’Мантово‘ не постапуваат согласно со законот и не го обезбедуваат најмалку биолошкиот минимум се увери и државниот водостопански инспектор“, вели Панде Сарев, градоначалник на Штип.
Некогаш оваа река имаше бујни води. Со изградбата на браната „Мантово“ се пресече речниот тек. Лакавица низводно од браната стана само простор од кој познати и непознати лица и фирми црпат песок. Бројните обиди на Штип реката да има вода три децении не даваат резултат.
Ѓоко Тушевски, експерт за води, вели дека на потегот долг 24 километри, од двете страни на реката има 2.700 хектари обработливо земјиште. Меѓутоа, најголемиот дел по изградбата на „Мантово“ остана запустен, бидејќи снема вода.
„Постои проект изработ��н пред три децении за изградба на детална каналска мрежа за Лакавичко Поле, но тој никогаш не се реализира. Сметам дека е неопходно да се вратиме на него, што би помогнало во напорите за заживување на заостанатото лакавичко подрачје. Уште повеќе што браната е градена за наводнување на Радовишко, но и на Лакавичко Поле“, вели Тушевски.
За 75-годишниот Стојан Анѓелов, кој има имот на тој дел од штипска општина, неверојатен е податокот дека пред изградбата на браната ова поле имало поголеми води од потребите, а сега има брана, ама полето нема вода!
Со акумулациски капацитет од 49 милиони кубни метри вода, „Мантово“ е вештачка акумулација втора по капацитет во источниот дел на Македонија, зад „Калиманци“, која може да акумулира 125 милиони кубни метри вода. Но, водниот потенцијал во „Мантово“ во најголем дел стои неискористен, а таа состојба трае со децении. Иако постои комплетна мрежа за наводнување на полето во Радовишко, само четири проценти од нивите се наводнуваат. Единствен вистински потрошувач е рудникот „Бучим“, кој од браната користи технолошка вода. |