Змиите доползуваат во градовите во потрага по храна
Средбата со змија треба да се избегнува со заобиколување, иако и таа самата се повлекува под земја
Сања Наумовска
Појавата на змии во урбаните средини напролет не е невообичаена состојба, велат биолозите. По зимскиот сон, змиите се раздвижуваат во текот на мај и јуни во потрага по храна, а многу често во помалите средини, но и во градовите има изобилство на ситни цицачи кои се омилени на менито на овие влечуги. Најчесто, кај нас можат да се сретнат повеќе видови смокови кои ловат во текот на денот поради тоа што жртвата ја препознаваат како извор на топлина, што веројатно е и причината за појава на оваа змија неодамна во Битолско среде бел ден. За разлика од смокот, отровниот поскок лови ноќе поради што е и незабележлив за луѓето. Тој се движи во висока вегетација, поради што не е чудно да се појави во несредени паркови со голема трева.
Биолозите советуваат средбата со змијата да се избегнува со заобиколување, иако и таа самата кога ќе го почувствува доаѓањето на луѓето се повлекува под земја. Сепак, велат стручњаците, некои отровници веднаш заземаат одбранбен став, што во секој случај не значи и дека ќе нападне, но, сепак, најдобро е човекот да се повлече на безбедно растојание.
„Во текот на пролетта, кога температурите и влажноста им одговараат на овие влечуги, тие се појавуваат на површината на земјата и почнуваат потрага по храна. Најчесто ловат глувци и стаорци, а некои змии, кои се качуваат по дрвја, и јајца и млади од птици. Со оглед на тоа дека речиси во секој крај во Македонија живее некој карактеристичен вид змија, не е невообичаено што тие се појавуваат, токму во овој период и во урбаните средини“, вели Светозар Петковски, кустос-советник во Одделението за ’рбетници на Природонаучниот музеј на Македонија. Тој објаснува дека оваа појава не е честа во летните месеци при високи температури, бидејќи и тогаш, како и зиме, змиите заради регулација на температурата на телото се кријат под земја.
Препознавањето на територијата е уште една дополнителна причина за појава на змии во градовите и во селата, смета зоологот Бранко Мицевски, професор на Природно-математичкиот факултет. „Змиите имаат подземни живеалишта во природата кои ги користат долго време, а на површината над нив во континуитет се случува урбанизација. Практично змиите не доаѓаат кај луѓето, туку човекот навлегува во нивните природни живеалишта. Поради тоа и не е чудно што најчесто се појавуваат на периферијата на градовите и на селата“, вели Мицевски. |