Фатен разбојник што ограбувал таксисти
Разбојник, специјализиран за ограбување таксисти, фатен е по речиси едномесечна потрага од страна на скопската полиција. Триесет и четиригодишниот скопјанец Д.Н., според сознанијата на полицијата, извршил 14 разбојништва и дрски кражби на таксисти, кои ги оставал без дневниот промет на речиси идентичен начин. Истражен судија му одредил на Д.Н. притвор од 30 дена.
Скопјанецот најпрвин во центарот на градот најмувал такси-возила, а потоа се упатувал кон Гази Баба, односно на улицата „Аврам Писевски“. Таму заканувајќи им се со пиштол или туркајќи ги, им ги зел сите пари што ги имале со себе, а ги оставал и без мобилни телефони.
„Сите ограбени таксисти извршиле препознавање на осомничениот, кој им се заканувал со пиштол“, велат во МВР. За уште девет случаи за кои е осомничен скопјанецот, МВР најавува дополнителен извештај. Во полициската евиденција тој е познат по кривични дела од областа на имотните деликти, за што повеќе пати бил пријавуван и казнуван. (Љ.С.) |