Невреме ја опустоши Вратница
ТЕТОВО - За нецели два часа бура и пет минути врнежи од град, вратничкиот реон е претворен во пустош. „Спаѓам меѓу повозрасните. Во мојот живот никогаш не сум видел такво невреме, особено толку големи парчиња град. Верувајте, беа големи како помала детска тупаница“, ни зборуваше пензионерот од Вратница, Васо Антевски. „Беше тоа невидено невреме. Започна со силен дожд и ветер. Врнежите потоа се претворија во град, кој не траеше подолго од пет минути, но доволно да им го упропасти трудот на земјоделците. На мојата куќа, а верувам и на соседите, искршени се ролетни на прозорци и врати“, додава Васо Антевски.
Зафатени беа атари од повеќе села во подљуботенскиот масив. „Најмногу е погодено земјоделството. Се' е упропастено. Пченките, гравот, доматите, пиперките, ништо живо не остана. Се сомневам дека имаме време да пресадуваме градинарски култури и дека од нив нешто ќе биде. Жално е да се гледа полето“, се жали Јованка Серафимовска. Нејзиниот сосед Крсто Велковски беше зачуден од штетите на овошките. „На овошките останати се само гранките. Оваа есен остануваме без јаболка, круши, сливи. И лозјата се по земја. Беше тоа невидено невреме“, вели Велковски.
Според жители од селата на потегот од Теарце до Јажинце, невреме го зафатило целиот тој реон. Вратничани велат дека во еден момент патиштата, дворовите, бавчите, нивите побелеле од град, а Вратничка Река носела огромни камења. Излеани биле и помалите потоци по регионалниот асфалтен пат Тетово - граничен премин за Косово, по кој сообраќајот извесен период или отежнато се одвивал или бил сосема во застој.
Жителите од Вратница, Беловишта, Рогачево, Одри, Старо Село, Нераште како најпогодени очекуваат дека овој пат нема да изостане грижата на државата и дека ќе бидат финансиски помогнати да го надминат наметнатиот проблем од природната стихија, а особено семејствата што егзистираат исклучиво од земјоделство. (Г.Е.) |