Министрите ги испратија првите праски за Русија
Росоман - Во најголемиот регион во земјава за производство на праски, Росоманскиот, почна бербата на праски. Вчера во присуство на министрите за финансии и за земјоделство, Ставревски Димовски, замина и првиот камион товарен со 18 тони праски од плантажите на земјоделското претпријатие „Душан Ќириќ“ од Росоман, кои ќе се продаваат на традиционалниот руски пазар.
Министерот за финансии, Зоран Ставревски, рече ��ека во првите четири месеци извозот на земјоделски производи на пазарот во Русија е седум пати зголемен. Се' започнало со извоз на ресенско јаболко, струмичка зелка, а сега извозот продолжува со росоманска праска. Според него, зголемениот извоз се должел на добрата работа на Владата и на македонската амбасада во Русија. Годинава од извозот на земјоделски производи во земјава влегле над 5 милиони евра.
Плантажите со праски секоја година се зголемуваат. Овоштарите велат дека се задоволни од цената, која за почеток е околу 70 центи на странскиот пазар, а се задоволни и од пласманот. За почеток се бере и се извезува праска од сортата „спринг тајм“, а потоа и другите сорти. Сопственикот на „Душан Ќириќ“, Ќиро Шошев, вели дека годишно од 270 хектари насади со праска, берат околу 1.700 тони, а главниот пласман им е во Русија, Белорусија, Хрватска, Словенија и во Украина. Тој тврди дека десетина години немале никаков проблем со пласманот на праска, а од голема помош им биле и државните субвенции. (А.Д.) |