Ревизорите на потег за „Патриотска метла“
СДСМ се расфрла со докази за исчезнати тендери, министерката за култура го тврди спротивното
Деспина Трајковска
Се чини дека МВР и ревизорите единствено можат да пресечат во случајот „Патриотска метла“, кој го отвори опозициската СДСМ, обвинувајќи дека свесно, под мистериозни околности, од Министерството за култура летово исчезнала тендерска документација врзана со „Скопје 2014“, како би се скрила злоупотребата на 20 милиона евра народни пари. Обелоденети документи за исчезнување на документација за 14 тендери, деманти, најави за кривични пријави, исчекување за нови докази, но и контрааргументи. Отворена дилема - станува ли збор за афера без докази или вистински мегаскандал на власта?!
Во ваква ситуација се наоѓа јавноста по неколкудневното отворање на аферата од страна на СДСМ, која се „расфрла“ со докази за злоупотреби, додека истовремено деманти пристигнуваат од адресата на директно прозваната министерка за култура Елизабета Канческа-Милеска.
Иако затрупана со тендерска документација, со што сакаше да докаже дека не фали ниту едно пусулче од тендерите, Канческа-Милеска, сепак, призна дека недостига папирологија, но дури откако од СДСМ го извадија адутот. Приложија документ во кој се констатира дека раководителот на секторот за јавни набавки во Министерството, Бранко Наумовски, во август годинава го известил заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ, дека недостигаат понуди и конкурсни трудови за четири проекти - музејот на ВМРО, стариот театар во Скопје, театарот Велес и проектот „Нобеловци“. Наводно, документите биле спалени во „Комуна“, каде што во принцип се уништува стара хартија или, пак, стари архивски документи.
Сепак, по овој доказ Канческа-Милевска не негираше дека од Министерството исчезнале документи, но тврди дека станува збор за 14 поништени јавни набавки од времето кога таа не била на функција. Меѓу нив, еден се однесувал на „Скопје 2014“, за ентериерно уредување на музејот на ВМРО, но и за него постапката била поништена. „Дел од тие постапки се однесуваат на поништени јавни набавки каде што Министерството за култура воопшто не склучило договор, каде што има финансиски импликации“, рече Канческа - Милеска, која најави дека ќе го бара кртот во својот ресор, кој и зошто под рака информирал за „стопените“ тендери. „Сакам да ве информирам, тој интерен допис е изработен во Министерството за култура, со цел да се среди документацијата од неколку канцеларии во еден единствен простор што го направивме токму за грижливо чување на севкупната документација од сите инвестиции што ги води Министерството за култура. Пред вас денес се наоѓа документацијата на сите тие 14 предмети“, дополни министерката, цврсто убедена дека вистината е на нејзина страна, па најави дури две кривични пријави за клевета против Игор Ивановски од СДСМ, кој во име на опозицијата деновиве ја бранува јавноста со „Патриотска метла“.
СДСМ, пак, иронично се прашуваат како тоа министерката вели дека во целиов случај нема финансиски импликации.
„Сте знаеле дека е изгубена документацијата, сте молчеле и, бидејќи сте фатени, упорно се служите со лаги на кои никој од почетокот не ви верува. Само, овој документ од Министерството ги демантира сите ваши лаги и манипулации“, изјави Ивановски, приложувајќи го документот со преписката за изгубените тендери. Држејќи тензична атмосфера СДСМ неколку дена приложува докази за загубени тендери, од оној за внатрешно уредување на музејот на ВМРО, зделка тешка осум милиони евра, до тврдењата за исчезнати тендерски понуди за стариот театар. „За тендер, заведен во архивата под број 35/07 отворен повик број 6/07, за кој е избрана фирмата ’Константа инжињеринг‘ од Белград, се исчезнати понудите од сите учесници на тендерот“, наведе опозицијата.
Дали тие можеби деновиве ќе појд��т на гости кај Канческа-Милеска, која се понуди да им ги отвори документите за да се уверат дека тендерите не се исчезнати или, пак, опозицијата своите докази за аферата ќе ги достави до истражните органи, останува неизвесно. Засега, како што тврдат од СДСМ, единствено е сигурно дека во Владата врие по „Патриотска метла“. Оттаму, пак, преку ВМРО-ДПМНЕ уште првиот ден од отворањето на случајот потенцираа дека СДСМ се обидува на овој начин да ја дефокусира јавноста од актуелната афера „Надеж“ за кабинетот на Црвенковски.
Во секој случај, проектот „Скопје 2014“ не престануваат да го тресат скандали. „Патриотска метла“ само се надоврза на неколкумесечните остри критики на дел од јавноста, обичната, но и стручната, дека владиниот урбанистички проект не само што е прескап, туку е и естетски несоодветен.
Но, и покрај се', работите на терен се реализираат. Последен објект во низата што наскоро ќе почне да се реализира е изградбата на оспоруваната порта Македонија. |