ИНТЕРВЈУ
Досега ни бевте непозната територија
Хосе Мануел Пас Иагуерас, амбасадор на Шпанија
Треба да го прославувате тоа што е позитивно, а таков беше ланскиот извештај на ЕУ, вели Хосе Мануел Пас Иагуерас, амбасадор на Шпанија
Слободанка Јовановска
Македонија утре ќе добие по втор пат препорака за преговори со ЕУ и, исто така, втор пат се очекува одлука на Европскиот совет. Треба ли да славиме или да жалиме?
Треба да почекаме да видиме што ќе каже извештајот. Не можеме однапред да шпекулираме за тоа. Но, јасни се очекувањата на земјата во однос на НАТО и на ЕУ, како и тоа дека сите земји- членки сакаат да ве видат како дел од нашата заедница.
Според некои критики, нема веќе смисла да има препорака и извештај за Македонија, бидејќи тие немаат моќ да влијаат ниту на статусот ниту на реформите во земјата. Како го коментирате тоа?
Имавте ��обар извештај минатата година. И тоа беше многу важно за вас, бидејќи покажа дека земјата се приближува до интеграцијата во ЕУ. Мислам дека треба да го прославувате тоа што е позитивно. А, тоа беше позитивен извештај и сите се согласивме дека земјата направи голем напредок за да ја достигне оваа меѓународна цел.
Во земјава бевте подолго време и ја чувствувавте атмосферата за интеграцијата во Унијата и во НАТО. Мислите ли дека ентузијазмот за членство бледнее или гледате ист интерес и решеност како претходно?
Анкетите покажуваа дека мнозинството македонски граѓани сакаат да и' се приклучат на ЕУ и има константа дури и за НАТО. Мислам дека овде повеќе луѓе сакаат да се интегрираат во НАТО, отколку во некои земји-членки. Во однос на ентузијазмот, Копенхашките критериуми се некакви насоки за унапредување на земјата, па во таа смисла граѓаните го поддржуваат нивното исполнување како начин за модернизација, развој и перфекција на на демократскиот систем.
Пред Вашето претседателствување со ЕУ имаше мислења дека единствено прашање за кое се интересира Мадрид се односите со Србија и со статусот на Косово. Успеавте ли да ја смените таа перцепција?
Мислам дека веќе покажавме дека имаме специјален интерес за Вашата земја. Taa, како и Хрватска, е земја-кандидат за членство во ЕУ, а е понапредната во евроинтеграцијата. За нас е многу важно тоа зошто Шпанија е пријателски расположена кон проширувањето. Ние сакаме повеќе земји од Балканот во ЕУ и за време на шпанското претседателство одржавме состанок на високо ниво во Сараево, каде што ги реафирмиравме европските перспективи на регионот. Нам регионот ни е битен , а особено Вашата држава како кандидат за прием.
Сепак, процените овде се дека меѓу Шпанија и Македонија речиси и не постојат билатерални односи, бидејќи ниту еден Ваш политичар од висок ранг никогаш не дошол во земјава ниту, пак, наш имал средба во Мадрид, освен шефовите на дипломатијата и средбите како претседавачи на ОБСЕ и на ЕУ...
Не можам да не се согласам повеќе. Имаше две билатерални средби меѓу министрите за надворешни работи, Анхел Моратинос и Антонио Милошоски, во Мадрид во 2007 година и тука во Скопје годинава. Исто така, минатата година дојде нашиот министер за одбрана што потпиша меморандум за соработка меѓу армиите на двете земји. Вашиот обдусман, исто така, беше четири пати во Шпанија и неговите колеги оттаму доаѓаа во Скопје. Министерот Милошоски беше поканет и на самитот на латинамериканските земји и ЕУ што се одржа во Мадрид годинава. Така што, со оглед на тоа дека амбасадата ја отворивме во 2006 година, мислам дека постигнавме многу и значително ги подобривме работите.
Шпанскиот јазик е популарен меѓу младите во Македонија, но и покрај тоа имате културни и јазични центри во Белград и во Софија, но не и овде. Ќе одговорите ли некако на овој зголемен интерес и нудите ли можности за македонските студенти да се школуваат во Шпанија?
Еден од главните аспекти на културната соработка е соработката со македонските власти за отворање студии на шпански јазик, како јазик што го зборуваат повеќе од 400 милиони луѓе во светот, што е огромен број. Само во САД 40 милиони луѓе зборуваат шпански. Мислам дека има интерес за тоа, но проблем е што шпанскиот не е вклучен во средните училишта како втор јазик за избор. Соработувавме со универзитетот ФОН за да отвори катедра на шпански јазик во Скопје и се надевам дека овој тренд ќе продолжи. Но, важно е да се понуди шпанскиот како опција во средното образование, бидејќи во спротивно универзитетите не можат да апсорбираат толку многу луѓе. Во однос на стипендирањата, надвор од програмите на ЕУ ние, исто така, имаме стипендии за македонски студенти, во областа на лингвистиката и за технологијата за производство на вино. Секоја година нудиме вакви школарини за студенти.
Како го оценувате македонското вино од аспект на Вашата земја како винска суперсила?
Го сакам многу. Различно е од шпанското. Но, производството на добро вино денес е прашање и на технологија. Не е доволно само да имате добро грозје, со добар вкус.
Имате 1.300.000 имигранти од Бугарија и од Романија. Што ги привлече во толкав број и очекувате ли да следува бран на имигранти и од Балканот?
Има земји од кои дојдоа многу имигранти во Шпанија и тоа за краток временски период, особено од Латинска Америка. Ние имавме ниска стапка на раѓање и со имиграцијата можевме да го надминеме тој проблем. Имигрантите ни беа потребни за индустријата и о��обено во градежната индустрија и во земјоделството, а Романците и Бугарите, главно, се квалификувани за тоа. Но, сега ситуацијата е различна и не можеме да бидеме толку отворени за пазарот на работници, бидејќи се соочуваме, исто така, со голема невработеност. Мислам дека и кога ќе заврши кризата, сепак, тој тренд ќе продолжи.
Сепак, економските односи се толку базични меѓу двете земји?
Ние сме заинтересирани за многу области од македонската економија, особено за енергетиката, но, исто така, има потенцијал за соработка во туризмот. Повеќе компании од Шпанија дојдоа во Вашата земја, некои од нив веќе потпишаа договори за да почнат со работа, а други се во процес на преговори. Исто така, менаџирањето на водите е област за која појавуваме интерес, но за нас досега ова беше непознат пазар. Сега кога сме тука и имаме повеќе информации, ќе имаме и повеќе инвестиции во иднина, без оглед што шпанските компании инвестираат, главно, во ЕУ и во Латинска Америка. Латинска Америка за нас е приоритетен и најатрактивен пазар поради јазикот и културните врски. Но, откако нашите компании научија како да работат во Латинска Америка ќе дојдат и тука. Досега ова им беше непозната територија.
Како го коментирате проектот „Скопје 2014“? Повод ми е тоа дека доаѓате од земја со богато културно и историско наследство и многу прекрасни згради од стариот период. Како гледате на новата антика на Македонија?
Имавте несреќа да Ви се случи ужасен земјотрес што ги разурна градот и неговото културно наследство. Нашата амбасада е една од ретките згради што остана цела по земјотресот и се третира како културен споменик .Моделирањето на плоштадот е нешто за што треба да си решите сами. Треба да почекаме да биде завршен проектот. Неопходно е, сепак, да се обнови градот, бидејќи по земјотресот беше уништен и ова е начин да се направи тоа. Но, граѓаните на Скопје се тие што треба да решат за тоа.
Сега е 21 век, купувајте „Зара“ на Интернет!
Ќе Ве прашам нешто што сака да го слушне секоја жена во Македонија: зошто „Зара“ и другите модни марки на оваа компанија кружат околу нас и не доаѓаат?
-Сега сме во 21 век и „Зара“ отвори онлајн-продажба годинава, па тоа што сакате сега можете да го купите преку Интернет. Така што нема потреба и овде да имате продавница. Мисла дека ова го реши проблемот. Толку се успешни во тоа што мораа да го зголемат бројот на луѓето што работат на Интернет-продажбата дури три пати. Овој потег беше нивни голем успех и мислам дека македонските дами можат да купуваат на ваков начин. „Зара“ е приватна компанија и тие решаваат кој пазар им е интересен, но со Интернет-продажбата влегуваат и таму каде што немаат продавници. Ова е премногу мал пазар и многу од Вашите граѓани во други земји веќе купуваат производи на „Зара“. |