На Пелистер пеплосани над 400 хектари
Висината на предизвиканата штета дополнително ќе се утврдува, но се проценува дека е огромна
Моника Талеска
Над 400 хектари со квалитетна шума изгореа во пожарот што викендов го зафати националниот парк „Пелистер“. По 24-часовна борба целосно е совладана огнената стихија. За среќа, огнот стигна во близина, но не ги зафати куќите од селото Ротино. Причинети се огромни штети, чија висина дополнително ќе се проценува. Полицијата работи интензивно на откривање на подметнувачите на пожарот, за кои постои сомнение дека се дрвокрадци или пиромани.
Огнената стихија беше ставена под контрола во неделата изутрина, по 24- часовна интензивна и безмилосна битка во која беа вклучени два канадера, еден хеликоптер и 600 лица на терен.
„Пожарникарите од битолската Територијална противпожарна единица, Дирекцијата за заштита и спасување, вработени во битолските јавни претпријатија, војници од АМР и месното население успеаја најпрвин да ја локализираат огнената стихија, а потоа и целосно да го изгаснат огнот. Штетите од овој огромен пожар ќе бидат утврдени најдоцна за два месеца, но полицијата интензивно работи на откривање на сторителите“, вели Димче Јошевски, директор на битолската подружница на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој се сомнева дека пожарот е подметнат од дрвокрадци или пиромани, но кој и да е, како што вели за сторителите што ќе бидат изведени пред лицето на правдата, не се исклучени и затворски казни.
„Иако штетите дополнително ќе се утврдуваат, сепак, се огромни. Гореше квалитетна борова, моликова шума, а некаде нискостеблести шуми. На одредени места дрвјата се целосно пеплосани, на други се предизвикани штети до 20 отсто. Потребни се 30 години за да може овие шумски насади да пораснат до оваа фаза во која беа опожарени. Затоа и казните за сторителите треба да бидат високи“, изјави Јошевски.
Огнената стихија, за среќа, допре само до атарот, но не ги зафати куќите на селото Ротино. Ова се должи и на пожртвуваната работа на надлежните, но и на масовната вклученост на ротинчани да го совладаат огнот.
Целосно е изгаснат и шумскиот пожар што викендот избувна над битолската населба Баир и опожари околу 200 хектари со борова шума и сува трева.
Општинскиот кризен штаб повикува на поголема внимателност и соработка со граѓаните за да се откријат подметнувачите на пожарите. |