Кој ги пали македонските шуми?
Инспекторите на терен, се бараат докази за потпалувачите на Пелистер
Горан Адамовски
Околу 7.000 хектари површина годинава проголтаа пожарите. По релативно мирното лето, изминатиот викенд пламна на Пелистер, а гореше и во други краишта на земјава. Тропските горештини на крајот од летото донесоа опасност од пожари. Надлежните апелираат на внимателност при движењето во шума, но се сомневаат дека најголем дел од пожарите, вклучувајќи ги и последните на Пелистер, се подметнати.
„Не е можно на една територија, на осум различни места во исто време да пламнат пожари. Гасиме на едната страна, па се разгорува на друга страна. Нашето искуство кажува дека тоа не е случајно“, з��орува Шабан Салиу, директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Нивните инспектори се на терен, разговараат со мештаните, собираат информации и докази кој ги пали македонските шуми. „Овие пожари се подметнати од луѓе што му предизвикуваат штета на шумското богатство на Македонија. Ќе се обидеме да ги откриеме сторителите, кои можеби и' припаѓаат на т.н. шумска мафија, можеби некои пиромани или луѓе со болни умови“, смета Салиу.
Околу 600 хектари борова шума и нискостеблести растенија изгореа во двата големи пожара што го зафатија Пелистер. Завчеравечер беше изгаснат пожарот што избувна над битолската населба Баир и зафати површини од месноста Германски Гробишта до Билбил Камен. Претходно, гореше кај Националниот парк „Пелистер“, а во опасност беше хотелот „Молика“, како и две села. Околу 600 лица се бореа против огнената стихија, користен беше хеликоптер на АРМ и два авиона.
„До 15 август годинава, значи без последните пожари на Пелистер, регистрирани се над 1.200 пожари на отворен простор, при што се изгорени повеќе од 6.000 хектари земја, сува трева, стрништа...“, велат од ДЗС.
Во јули годинава се евидентирани дури 1.570 пожари, што е за неколкупати повеќе споредено со претходните години. Сепак, надлежните укажуваат дека најчесто горела сува трева и стрништа, така што, според нивните анализи, годинава нема зголемување на бројот на пожари.
Од ДЗС повторуваат дека од Владата ќе бараат набавка на уште еден авион - двосед, како и на 40 противпожарни возила, бидејќи општините се жалеле на недостиг. Лани беа купени три авиони, кои не' чинеа повеќе од осум милиони евра, а купени беа и 35 противпожарни возила...
Температури и до 40 Целзиусови степени не' чекаат наредните денови, па надлежните повторуваат дека е важно рекреативците да ја почитуваат делумната забрана за движење во шумите и да не користат запаливи материи на отворен простор, работниците да ги зголемат мерките за претпазливост, возачите и патниците да не фрлаат догорчиња или неизгаснати цигари по должината на патните линии, а земјоделците да не ги палат стрништата. Казните за непочитување на овие одредби се движат од 1.500 до 20.000 евра.
Граѓаните можат да пријават пожар или опасност од пожар на бесплатниот телефон за итни повици 195 на Центарот за управување со кризи, на бројот 193, како и на отворената телефонска линија 02-155-22 на Јавното претпријатие ,„Македонски шуми“. |